Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска во Баку ќе го одигра претпоследниот квалификациски натпревар за Европското првенство 2024.
За претпоследен ривал Македонија ја има репрезентацијата на Азербејџан, која во претходното коло славеше над Литванија.
Македонија со победа над Азербејџан ќе го потврди пласманот на Европското првенство и ќе игра со најдобрите репрезентации.
Селекторот на Македонија, Кристијан Грчевски, ги сподели очекувањата за денешниот дуел.
,,Нѐ очекува еден важен дуел против Азербејџан, со победа значи ќе го завериме пласманот на Европското првенство, победата против оваа репрезентација која ја имавме на домашен терен со двоцифрена разлика не мора да значи ништо, тоа им го кажав и на девојките. Играме на гостински терен, Литванија најверојатно влезе несериозно и затоа беше поразена од Азербејџан, не би сакал и на нас тоа да ни се случи, затоа треба максимално да влеземе на овој натпревар, да се обидеме добро да го отвориме и да завршиме работа уште во Баку, па така на домашен терен, против Литванија, шанса да добијат неколку млади ракометарки кои немаат голема минутажа”, изјави Грчевски.
Натпреварот меѓу Азербејџан и Македонија ќе се одигра со почеток од 15:00 часот.