Екипата на Ѓорче Петров во дерби натпреварот од 10. коло од плеј-офот во Женската лига пред својата публика славеше над Металург Автокоманда со 28:21 и со новите бодови се зацврсти на првата позиција на табелата, сега има 22 бода.
Ѓорче Петров има десет од десет во плеј-офот, додека Металург Автокоманда има биланс од седум победи и три порази, односно 15 бода на свое конто. Во следното коло, Металург Автокоманда ќе има прилика да се врати на победничките патеки, бидејќи за ривал ќе го има Астибо.
По нерешените 3:3, гостинките од Автокоманда со два гола во низа се одлепија на 5:3 и до 25-та минута имаа контрола на играта. Избраничките на Јулијана Дамчевска во еден момент водеа со плус четири, 10:6, но како што се доближуваше паузата, така домаќинките ја анулираа негативата и во финишот од првиот дел направија пресврт.
Откако Металург Автокоманда поведе со 11:9, актуелниот шампион се разбуди, направи серија од 4:0 и поведе со 13:11. Гостинскиот тим со голот на кружниот напаѓач Коловска намали на 13:12.
Составот на Симе Симовски одигра одлично во вториот дел, во кој имаше само едно израмнување – на стартот, кога гостинскиот тим дојде до 13:13. Ѓорче Петров до 45. минута водеше со 2-3 гола разлика, а во завршницата успеа да ја зголеми предноста.
Шутерски расположени во последниот дел беше дуото Муратовиќ – Дежиќ, кoe со своето големо искуство му помогнаа на својот тим да дојде до посакуваната цел.
Ивана Дежиќ беше најефикасна со 11 погодоци, по пет имаа Есма Муратовиќ и Ања Вранчиќ, а трипати во листата на стрелците се запишаа Емилијана Ризоска и Катерина Дамјановска.
Кај Металург Автокоманда прво име беше Марија Јанкуловска со пет погодоци, четири додаде Борјана Коцева.