Ѓорчепетровки имаат четири негатива на полувреме против Елче

Ракометарките на Ѓорче Петров во Шпанија против Елче го играат првиот натпревар од четвртфиналето од Европскиот Куп и по 30 минути игра имаат негатива од четири гола, 14:10.

Македонскиот шампион отвори лошо, за осум минути постигна само еден гол, додека домаќинот во воведните десет минути водеше со плус пет, 6:1. Како одминуваше времето стануваше јасно дека „лавиците“ ќе имаат тежок предизвик да направат камбек.

Елче кон средината на првиот дел дојде до предност од 12:5 и овие седум гола разлика не беа доволни да има мирна игра во последните десет минути, бидејќи избраничките на Симе Симовски на пет минути пред крајот на првото полувреме намалија на 14:10.

Ѓорче Петров можеше да дојде и до помала негатива, но во неколку наврати голманката Моралес не дозволуваше да биде совладана. Ниту домаќинките не одиграа на ниво во последниот дел од првите 30 минути, па така на полувреме се замина со резултат од 14:10 во корист за домашниот табор.