Единствениот претставник на Македонија во женска конкуренција во европски рамки, тимот на Ѓорче Петров, го елиминираше белгискиот Ојпен и избори место меѓу најдобрите 16 екипи во Европскиот Куп.
Македонскиот шампион Ѓорче Петров обезбеди пласман во осминафиналето од Европскиот Куп, откако и на реванш средбата против Ојпен триумфираше со 48:36.
Првиот дуел, кој беше одигран минатиот викенд во Белгија, заврши со победа на Ѓорче Петров од 45:39.
Ѓорчепетровки сега ќе бидат дел од најдобрите 16 екипи во третото по ранг европско натпреварување и во вторник ќе чекаат поволна ждрепка за да направат чекор повеќе од минатата сезона и да обезбедат пласман во четвртфиналето.
Гостинот од Белгија се покажа како „тврд орев„ во најголемиот дел од првото полувреме, во кое на моменти имаше минимална предност и им создаваше големи проблеми на домаќинките. Првото полувреме помина во резултатска нишалка, се играше динамично, вкупно се постигнаа дури 42 погодоци и често имаше пресврти. Гостинките од Белгија по неколку минути игра го презедоа водството и во воведните десет минути имаа минимална предност од еден до два гола разлика.
Ракометарките на Симе Симовски предводени од Коларовска кон средината на првиот дел најнапред израмнија на 8:8, потоа постигнаа уште два гола, поведоа со 10:8 и беа екипата која ја диктираше играта во последниот период од првото полувреме, иако гостинот знаеше да се закани, да се врати во игра, но и да поведе. Ѓорче Петров од 15 минута, па до 25 играше според договореното, неговата максимална предност беше три гола разлика, но при финишот од првиот дел дојде до пад во играта на домашниот табор.
Ојпен на пет минути пред крајот на полувремето ја врати минималната предност, водеше краток период, потоа „лавиците“ стегнаа заби, го свртија резултатот во своја корист и на пауза заминаа со позитива од два гола разлика, 22:20.
Тимот на Ојпен се врати на почетокот во вториот дел израмнуваќи на 23:23. По нерешените 24:24, следуваше серија од 7:0 на Ѓорче Петров, кој во 40 минута дојде до 31:24 и во тој момент беа решени сите дилеми околу победникот. На теренот блескаше Коларовска, шутерско расположени беа сестрите Марија и Ангела Јанкуловска, Кицеска и Чурлиновска одбранија неколку топки, се разигра и Ризоска и последните дваесетина минути минаа во целосна доминација на македонскиот претставник.
По 11 гола за Ѓорче Петров постигнаа Ана Марија Коларовска и Емилијана Ризоска, седум реализации имаа Марија и Ангела Јанкуловска.
Слободанка Кицеска натпреварот го заврши со десет интервенции, пет имаше Матеа Чурлиновска.