Екипата на Ѓорче Петров го одбрани трофејот во Купот на Македонија, откако славеше против Спартак во интересен натпревар со 33-30.Ова беше 19 трофеј во ова натпреварување за „лавиците“, а трет по ред по оние во 2024 и 2025.
Само уште три екипи покрај Ѓорче Петров досега во историјата успеале да го освојат трофејот во Купот – Вардар има шест во колекцијата, Металург пет, а Куманово три трофеи во ова натпреварување.

Спартак пружи голем отпор, во првото полувреме, кога Ѓорче Петров не можеше да се одлепи на повисока разлика, а на пет минути до паузата беше 13-13. Потоа Вујисиќ фати две топки, Дукоска беше прецизна во нападот за 17-13.
Тоа беше клучниот период кога избраничките на Александар Царчев ја создадоа залихата што требаше да им гарантира мирно второ полувреме, но не беше така. На полувреме се замина со водство на Ѓорче Петров со 18-14.

На стартот на вториот дел Ризоска зголеми на плус пет, 19-14, на бековската линија на Спартак почна да и снемува решенија во нападот, а некои од ударите ги читаше голманката Вујисиќ. Плус Спартак остана без Цветановска поради три исклучувања и доби црвен картон.
Избраничките на Велимир Мицевски беа упорни и не се откажуваа од бркање на негативата. На десетина минути до крајот Спартак успеа да намали на минус два, 28-26, а Исиќ ја прекина серијата без гол на „лавиците“.
Беше и 30-29, потоа и 31-30 на две минути до крајот, Спартак тргна во напад за реми, но не беше искористен и Гугуљанова казни на спротивната страна. Ѓорче Петров остана без Дамјаноска, која доби црвен поради трите исклучувања, но Спартак не успеа да даде гол и немаше веќе време, па славјето на „лавиците“ можеше да почне.
























