Шампионот Ѓорче Петров запиша четврта победа во седум дена, откако по триумфите во Купот над Пелистер и Спартак, како и првенствената победа над истиот ривал, славеше над Куманово со 43-24.
Беше нерешено на стартот, 4-4, потоа „лавиците“ се одлепија на плус четири, 8-4, а до паузата избраничките на Александар Царчев водеа со 19-14.
Второто полувреме мина во уште подоминантна игра на шампионот кој со новите бодови сега има 41 бод на првото место, пред Чаир кој е втор со 38 бодови.
Најдобри стрелци во победничката екипа беа крилата Емилијана Ризоска и Стефанија Ѓорѓиевска со по осум погодоци, а по шест запишаа Теодора Дукоска и Ана Вранчиќ. Во составот на Куманово се истакна Мариана Азеведо со осум гола.

























