Ѓорче Петров по триумфот над Чаир со 37-28 ја завери новата шампионска титула, вкупно 21 во клупската историја, на четири кола до крајот на плеј-офот во Женската лига.
„Лавиците“ имаат вкупно 33 бодови, додека Металург Автокоманда е втор со 23, но и натпревар помалку. Дури и тимот од Автокоманда да победи пет пати, а Ѓорче Петров да ги загуби сите четири мечеви, подобар ќе биде составот на Симе Симовски.
Ѓорче Петров и Металург Автокоманда досега одиграа три меча во плеј-офот, ги чека уште еден кој нема да смени ништо. Досега три пати победуваа „лавиците“ (35-27, 28-21, 33-22) и имаат шест бода во меѓусебните дуели.
Тоа значи дека Ѓорче Петров и математички веќе може да ја слави новата титула и да прави планови за следната сезона, но претходно ќе ги чека уште една задача – одбрана на трофејот во Купот на Македонија.