Поранешниот селектор на Хрватска, Славко Голужа, повторно ќе се врати на клупата на Бјеловар, откако доби дозвола од лекарите да им се врати на тренерските обврски по здравствените проблеми што ги имаше во февруари.
Голужа заврши на итна хоспитализација пред два месеци, откако му се слоши за време на натпреварот на Бјеловар против екипата на Нексe 2. Подоцна беше утврдено дека станува збор за срцев проблем, кој успешно бил третиран во болница во Загреб.
Сега неговата состојба е стабилна и веќе следната недела се очекува повторно да биде со екипата. Голужа им се заблагодари на лекарите и на медицинскиот персонал за помошта и поддршката во периодот на закрепнување, а посебна благодарност упати и до семејството, пријателите, поранешните и сегашните играчи, како и до луѓето од хрватскиот ракомет кои биле со него во тешкиот период.
Неговото враќање доаѓа во важен момент за Бјеловар, кој во завршницата на сезоната се наоѓа на второто место во 1. ХРЛ Север, со само бод негатива во однос на водечкиот Сисак. Првото место носи директен пласман во повисок ранг, додека второто води во бараж за промоција.
Голужа го презеде Бјеловар во јануари годинава, а неговото враќање претставува силен поттик за клубот во клучниот дел од сезоната. За Бјеловар тоа значи и продолжување на проектот со едно од најпознатите имиња во хрватскиот ракомет, човек кој како играч и тренер остави длабока трага на регионалната сцена.


























