Големо засилување за „гладијаторите“: Чаневски две сезони на голот на Охрид!

Амбициозниот тим на Охрид полека го составува играчкиот мозаик за следната натпреварувачка сезона во која ќе има уште поголеми амбиции. Откако веќе ги обнови соработките со шестмина ракометари од актуелниот ростер, раководството го договори и првото големо засилување за следната сезона.

Според информациите на 24Ракомет, станува збор за чуварот на мрежата Градимир Чаневски, кој по две сезони настапи во израелскиот шампионат ќе се врати во татковината. Чаневски беше прогласен за најдобар голман минатата сезона во Израел, а и оваа сезона брани во одлична форма во дресот на Макаби Ришон Ле Зион.

Чаневски бранеше во Металург, Вардар Јуниор, Вардар и пет сезони во Еурофарм Пелистер, пред да се пресели во Бутел Скопје, од каде што замина во Макаби Ришон, што е негово прво интернационално искуство во кариерата. Таму стана еден од лидерите на клубот.

Охриѓани под палката на Стевче Алушовски станаа тим од кој се плашат и првите фаворити за титулата, а со четири победи во пет кола од суперлигашкиот плеј-оф, на добар пат се да изборат место во европските купови за следната сезона.

Оваа сезона голот на Охрид го чуваат Даниел Ѓорѓески, Бобан Ристевски и Берин Бркиќ, а Ѓорѓески го продолжи договорот за уште една сезона. Покрај Ѓорѓески, остануваат и Крсте Андоновски, Гал Цирар, Владимир Бојаниќ, Иван Тасески и Милорад Кукоски.