Голем пресврт: Талентираниот брат на Сандер Сагосен останува во Берген!

Еден од најголемите норвешки ракометни таленти, 18-годишниот Цилјан Сагосен, нема да го напушти Берген ова лето. Норвешката ракометна федерација донесе конечна одлука според која младиот среден бек мора да остане во клубот, бидејќи има важечки договор.

Цилјан, помладиот брат на норвешката ѕвезда Сандер Сагосен, изминатиот период беше во центарот на вниманието поради желбата да си замине од Берген. Според норвешките медиуми, причината била незадоволството од условите во клубот, а ракометарот сакал да ја активира клаузулата за враќање во својот матичен клуб Шарлотенлунд.

Сепак, Берген го оспори таквиот потег, по што случајот заврши пред Норвешката ракометна федерација. По разгледувањето на документацијата, Федерацијата пресуди дека Сагосен останува играч на Берген и мора да го почитува договорот, кој му важи уште две сезони.

Од Берген ја поздравија одлуката и порачаа дека се среќни што е потврдено дека Цилјан останува важен дел од тимот, со кој ќе ги започне подготовките за новата сезона.

Младиот репрезентативец зад себе има фантастична сезона во која постигна 190 голови на 31 натпревар во норвешкото првенство и плеј-офот, а веќе дебитираше и за сениорската репрезентација на Норвешка. За неговите услуги интерес покажаа неколку дански клубови, меѓу кои и Бјерингбро Силкеборг, но засега трансфер нема да има.