Екипата на Голден Арт со победа се одјави од Супер лигата, откако на свој терен славеше над Скопје со 35:26 во последното коло од суперлигашкиот плеј-аут.
Голден Арт, исто како и неговиот денешен ривал, не успеа да го задржи суперлигашкиот статус и во следната сезона ќе биде дел од Првата лига.
Победникот на натпреварот беше решен уште во раната фаза кога домаќините поведоа со 7:1 и рутински го одиграа преостанатиот дел од натпреварот.
Избраниците на Стојан Петрушевски на пауза заминаа со резултатска предност од плус девет, 21:12, а Скопје не можеше ниту да се врати, ниту да го направи натпреварот понеизвесен.
Најефикасен на дуелот беше членот на Голден Арт, Мице Шилегов, кој постигна 11 погодоци, додека во поразениот табор се истакна Јован Фичороски со седум реализации.