Гисласон отвори карти – еве ги 19 ракометари на Германија за ЕП

Селекторот на Германија, Алфред Гисласон, го објави скратениот список на ракометари на кои ќе смета за Европското првенство на кое се домаќини.

Гисласон ќе смета на 19 ракометари, меѓу кои нема неколку искусни имиња кои ја завршија репрезентативната кариера, но тука се искусните Патрик Грецки и Андреас Вулф.

Покрај Вулф на голманската позиција ќе биде и младиот Давид Шпат, кој брани во одлична форма сезонава.

Покрај Шпат, Гисласон во ростерот има уште тројца младинци кои го освоија младинското СП ова лето – пикерот Јустус Фишер, десниот бек Ренарс Усчинс и средниот бек Нилс Лихтлајн.

Од генерацијата што стана европски првак во 2016 година покрај Вулф на списокот за ова ЕП се левото крило Руне Дамке, десниот бек Каи Хафнер и пивотот Јаник Колбахер.

Единствен дебитант е левиот бек од Хановер, Мартин Хане, кој за првпат е дел од националниот тим на Германија. Бундес тимот е во група со Франција, Македонија и Швајцарија, а мечот со нашата репрезентација е на програмата во Берлин на 14 јануари.