Селекциите на Гермнија во машка и Аргентина во женска конкуренција ги освоија титулите на Светското првенство во ракомет на плажа што се одржуваше изминатите шест дена во Загреб.
Германија во мечот за злато беше подобра од Бразил со 2-0, а прикажа убедлива игра и во двата сета. Првиот го доби европската селекција со 21-18, додека во вториот доминираше уште повеќе и славеше со 21-14.
Третото место го освои селекцијата на Аргентина која беше подобра од домаќинот Хрватска со 2-1 во интересен и драматичен натпревар.
Првиот сет им припадна на „коцкестите“ со 17-16, Аргентина возврати со 18-16 за 1-1, па мечот отиде во „шут-аут“, кој им припадна на јужноамериканците со 9-8.

Кај дамите, Аргентина стигна до првото светско злато, откако во финалето беше подобра од Данска со 2-1. Првиот сет заврши во корист на јужноамериканската селекција со 20-14, возврати Данска за 1-1 и го освои вториот сет со 27-14.
Мечот за злато се решаваше со „шут-аут“ кој го доби Аргентина со 6-2.
Во мечот за бронза, Шпанија славеше со 2-0 во сетови против Бразил. Првиот беше за „фуријата“ со 21-20, а потоа беше полесно и немаше дилеми околу победникот, 25-16.


























