Гемаљевиќ: Пролет е незгодна екипа, ние ќе играме по ист рецепт – борба во сите 60 минути

Ракометарите на Тиквеш ги очекува незгодно гостување во Скопје кај составот на Пролет во натпреварот од 6 рунда во суперлигашкиот плеј-оф.

Голманот Јанко Гемаљевиќ знае со каков тим ќе си имаат работа и вели дека Пролет е незгодна екипа, која никако не смее да се потцени.

„Играв еднаш против Пролет, но ги следам како играат и што играат во плеј-офот и знам дека ќе биде тежок натпревар. Играат агресивна 6-0 одбрана, овој натпревар нас може многу да ни донесе и да се стационираме во тој горен дел на табелата. Имаат двајца-тројца ракометари кои се издвојуваат и доаѓаат до израз. Тоа се голманот од Црна Гора, Данило Михаљевиќ, како и левиот и средниот бек, Александар Василевски и Ласко Андоновски. Се на се, една коректна незгодна екипа, која никако не смее да се потцени, особено кога игра на домашен терен“, вели Гемаљевиќ.

Кавадарчани славеа на гости кај Бутел Скопје минимално, а загубија кај вицепрвакот во Автокоманда исто така минимално на досегашните две гостувања во плеј-офот.

„Го играме целиот плеј-оф по ист рецепт – борба во текот на сите 60 минути, особено во одбраната. Ние сме ослабени, не следат проблеми со повреди на дел од ракометарите, но во текот на целиот меч се бориме и играме одлична одбрана“, продолжи Гемаљевиќ.

Тиквеш за првпат се пласира на Ф4 во Купот на Македонија и ќе има шанса да се бори за уште еден трофеј.

„Ја искористивме шансата што игравме дома и што имавме, ајде така да кажам не толку силна група со Еурофарм Пелистер 2 и Мулти Есенс. Пак ќе кажам, ослабени сме и тешко е да се одиграат два меча во еден ден, некои играчи играа и по 120 минути и тоа е многу напорно. Впечатоците се одлични, остваривме една од целите, таму се може да се случи, но за тоа ќе разговараме кога ќе дојде време“, заврши Гемаљевиќ.

Натпреварот меѓу Пролет и Тиквеш ќе се игра в сабота во салата „Македонско Сонце“ со почеток во 18:00 часот.