Ференцварош ќе им ги мати сметките на големите, Ѓер го бара Бомбач!

Веспрем и ПИК Сегед со години доминираат кога се работи за унгарскиот машки клупски ракомет, а повремени блесоци имаа Балатонфуреди, Татабања, во последно време и Ференцварош.

Овој тим кој во ростерот го има легендарниот Мате Лекаи, обезбеди место во ТОП 4 во Европскиот Куп, а има очигледно големи планови за во иднина и посакува да ги следи стапките на женскиот тим.

Според „Handball Basse“, нов член на Ференцварош треба да биде левиот бек на ПИК Сегед, Ричард Бодо, кој има активен договор со вицепрвакот. На листата на желби на Ференцварош е и голманот Роланд Миклер, но тој е поблиску до нов договор на една сезона со Сегед.

ФТЦ веќе ги промовираше средниот бек Матијас Ѓери и десниот бек Габор Анчин, кој од Татабања се враќа во тимот каде што настапуваше претходно.

Машкиот тим на Ѓер, кој ќе влезе во најсилната конкуренција од следната сезона исто така има големи амбиции, а според нашите информации прв пик за летно засилување е средниот бек Деан Бомбач, кој ќе замине од ПИК Сегед.

Taтабања со Драган Ѓукиќ на клупата исто така се засилува – доаѓаат Н’танзи од ПСЖ, Моралес од Загреб, Хименез од Порто, Хавран од Робе Жубри, Лемос од АЕК Атина…па следната сезона во Унгарија сигурно ќе биде многу возбудлива.