Фараните на собир – без пријателски се острат за баражот со Македонија

Ривалот на Македонија во бараж дуелот за Светското првенство 2025, репрезентацијата на Фарски Острови, започна со подготвителниот период, во кој нема да одигра ниту еден пријателски натпревар.

Ракометарите на Фарски Острови целосно ќе бидат фокусирана на тактичко-техничкиот план и ќе одржат неколку тренинзи заедно со помладите репрезентативци на островската земја, а не е исклучена можноста младинците да бидат како спаринг партнер на сениорите.

Селекторот на Фарски Острови, Петер Ларсен, на дуелите со Македонија најверојатно ќе го има на располагање речиси истиот состав од Европското првенство. Фараните на континенталниот собир во јануари, иако не обезбедија пласман во главната фаза, сепак, покажаа дека можат да се носат со далеку поквалитетни репрезентации.

На тренинзите во ЕХФ неделата, присутни се и најголемите ѕвезди – Елијас Елефсен а Скипаготу од Кил, кој паузираше краток период поради повреда и Оли Митун, кој игра во одлична форма во дресот на Савехоф.

Првиот натпревар меѓу Фарски Острови и Макеоднија ќе се одигра на 8 мај од 18:00 часот во Торшавн и карти за овој дуел веќе нема. Реванш средбата се игра на 12 мај од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Победникот од овој двомеч ќе обезбеди пласман на Мундијалот следната година.