Еурофарм Пелистер со минимална негатива на пауза против Висла Плоцк

Ракометарите на Еурофарм Пелистер губат со 13:11 на полувремето од дуелот против Висла Плоцк од петтото коло од ЛШ. Пелистерци имаа лош старт, но во последните десет минути од првиот дел успеаја да се консолидираат и да ја преполоват негативата.

Полскиот шампион одлично го отвори натпреварот, поведе со 5:1 во воведниот дел и до крајот на полувремето одржуваше резултатска контрола. Еурофарм Пелистер за десет минути игра постигна само два гола, преку Борзаш и капитенот Кузмановски, а прими седум. Ниту по тајм-аут на Ангеловски работите не се сменија, па така домаќините врзаа уште два гола во низа и кон средината на првиот дел дојдоа до плус седум, 9:2.

Македонскиот шампион, кој седум минути беше без реализација, кризниот приод го прекина со голот на Радивојевиќ, а потоа Кузмановски со својот втор гол намали на 9:4. За петнаесетина минути игра, голманот на Висла Плоцк, Мирко Алиловиќ, имаше три интервенции, додека Филип Ивиќ се уште беше без одбранет удар.

Висла Плоцк во 20 минута имаше предност од пус шест, 10:4. Кузмановски со два гола успеа да намали на 10:6, а до крајот на првиот дел избраниците на Хавиер Сабате не дозволија битолчани да направат целосен камбек. Следуваше период, во кој Еурофарм Пелистер заигра поангажирано и во 25 минута предноста на Висла Плоцк беше само три гола, 11:8.

Еурофарм Пелистер по пропуштените шанси за минус два, преку Дејан Манасков во 28 минута конечно намали на два негатива, 12:10. До крајот на полувремето двете екипи постигнаа по еден гол, па така резултатот по 30 минути игра беше 13:11 во корист за домашниот табор.