Еурофарм Пелистер сервираше одмазда, ама Вардар останува лидер!

По поразите во Супер Купот и во првата рунда од Супер лигата, шампионот Еурофарм Пелистер првпат сезонава го совлада тимот на Вардар со 29-25. Вардарци беа немоќни во Битола, а клучен период за триумфот беше стартот на мечот, кога пелистерци поведоа со шест погодоци. Сепак на крајот „црвено-црните“ повеќе се радуваа, бидејќи ако двете екипи победуваат уште на шест меча во регуларниот дел, вардарци ќе пренесат 3 бода во плеј-оф.

Скопјани беа пред убедлив пораз, но во последните секунди Ѓукиќ даде гол за минус четири и поради подобрата гол разлика Вардар ќе биде на првото место, иако двете екипи имаат по 21 бод.

Вардар побара одложување поради проблемите со вирус, со поголем дел од играчкиот кадар, но битолчани не се согласија, па мечот се одигра. „Црвено-црните“ не можеа да сметаат и на Јасухира, кој има репрезентативни обврски, а не играа ниту Мишевски, Ќосевски, Алонсо…

По почетните 1-1, вардарци направија неколку грешки во низа кои беа казнети со лесни погодоци на домашните за 5-1. Тоа беше знак уште по пет минути, тренерот на Вардар, Владо Недановски, да бара тајм-аут.

Гедбан му фати пенал на Срдановиќ, потоа одбрани уште два удари на вардарци, па Еурофарм Пелистер се одлепи на плус шест, 7-1. Во следниот период домаќините ја задржаа предноста од три гола, 8-2, па 9-3. Но вардарци се разбудија, па Срдановиќ прво погоди пенал, потоа и од контра и „црвено-црните“ се вратија на 9-5. Но повторно се случи голем пад кај гостите и осум минути не постигнаа гол.

Гедбан бранеше одлично, и по 11-7, Еурофарм Пелистер се одлепи на 15-7. Беа исклучени Петар Атанасијевиќ и Сери во краток период, Томовски влезе во елемент и Вардар намали на 16-11. За одбележување во првиот дел е појавувањето на терен на Стојанче Стоилов, поради проблемите со составот на вардарци.

Домашните промашија пенал во финишот, но топката одновно дојде во рацете на пелистерци, кои не пропуштија втора шанса да казнат за 17-11. Аларов доби казна од две минути, па шампионот искористи уште една прилика за 18-11 на паузата.

На стартот на вториот дел Гедбан имаше двојна одбрана, и Еурофарм Пелистер во продолжение стигна до највисоки плус девет, 23-14, а Вардар во меѓувреме остана без Николиќ кој заработи удар од домашните ракометари и беше повлечен на клупата.

Кубанецот Родригез влезе на негово место и ја размрда играта на Вардар, кој намали на 23-16, а беше и 24-17. Гедбан одново одбрани два пати во серија, неговите соиграчи беа прецизини и на десетина минути до крајот одново беше плус девет за битолчани. Јагуриновски погоди во последната минута за минус пет, 29-24, пелистерци не успеаја да погодат бидејќи Томовски одбрани зицер и Ѓукиќ погоди за 29-25 во последната секунда.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Тајник и Костески со по пет гола, додека по четири погодоци имаа Цехте, Кисум и Васиљев. Во составот на Вардар се истакнаа Родргиез, Лазаревски и Срдановиќ. За двете екипи остануваат по шест меча до крајот на регуларниот дел.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ВАРДАР 196114130139
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14130139
3БУТЕЛ1480624
4ПРОЛЕТ1471622
5ГОЛДЕН АРТ1452717
6ПРИЛЕП14311010
7МУЛТИЕСЕНС1430119
8ВАРДАР НЕГОТИНО1420126