Еурофарм Пелистер останува без Урбан Лесјак, Словенецот заминува во јуни

Словенечкиот голман Урбан Лесјак по две сезони ќе си замине од македонскиот првак Еурофарм Пелистер на лето и ќе се врати во татковината. Тој е блиску до договор со тимот на Тримо Требње, кој е предводен од словенечкиот селектор Урош Зорман.

За Лесјак беше заинтересиран и швајцарскиот Криенс Луцерн, но веројатно ќе ја одбере понуда за камбек во Словенија. Тој брани одлично оваа сезона на сите фронтови во дресот на битолскиот клуб, како и во дресот на националниот тим, па понудата од дома е најблиску до реализирање.

Тримо Требње оваа сезона игра одлично во словенечкиот шампионат, се наоѓа на првото место со 33 бода, пред Горење со 31 и Целје со 29, и само уште седум меча го делат од титула, па Лесјак би можел да се пресели во шампионот.

Покрај Лесјак, од тимот на Еурофарм Пелистер ќе замине и вториот интернационалец на голот, Калифа Гедбан, кој дресот на битолчани ќе го замени со оној на бундеслигашот Ерланген.

Словенечкиот голман со битолчани ја освои титулата во Македонија, прва за „зелените“ по 18 години, а играше и во Лигата на шампионите.