Во полуфиналниот натпревар од Купот на Македонија, одигран вечерва во Охрид, екипата на Еурофарм Пелистер го совлада домаќинот со резултат 27-23 и закажа финале со Вардар. ГРК Охрид замина на пауза со минимална предност од 11-12 против Еурофарм Пелистер. Во натпревар поеднакво интересен како првиот полуфинален дуел, имаше минимална предност на полувреме, а неизвесноста во салата „Билјанини Извори“ траеше до самиот финиш кога во последните 10 минути шампионот одигра на своето ниво и создаде победничка разлика.
Првото полувреме понуди рамноправна и борбена игра, каде двете екипи играа претпазливо, со акцент на одбраната. Иако Еурофарм Пелистер важеше за фаворит, охриѓани ја отворија средбата со мотивирана игра и успеаја да ги искористат грешките на противникот. Во 16. минута, екипата на Еурофарм Пелистер го искористи правото на тајм-аут, што го стабилизираше тимот по неколкуте технички грешки.
Со минимална негатива од еден гол, Еурофарм Пелистер влезе во второто полувреме со цел да ја преземе иницијативата и да се избори за пласман во финалето. Но Охрид покажа дека не е случајно на Ф4 и нема само да учествува на овој турнир – па успеа да го одржи минималното водство и иницијативата во почетните 10 минути од вториот дел. Сепак битолчани одржуваа чекор, а расположениот Никола Митрески беше иницијална каписла за пресвртот на битолчани, кои со два гола на Филип Кузмановски го преземаа водството и најавија триумф на овој дуел. Охрид последниот победнички здив го зема на 10 минути до крај на дуелот кога последен пат го израмнија резутатот. Како се ближеше финишот на овој дуел, така одбраната на Еурофарм Пелистер беше покомпактна и не дозволи комплетно враќање на Охрид. Со низа од три гола битолчани ја најавија победата, а до крајот комплетно го разбија отпорот на противникот. Еурофарм Пелистер до крајот на натпреварот имаше предност и од пет голови, а по шеесет одиграни минути беше запишан 27-23 како конечен резултат.