Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се израдуваа на триумф над Куманово со 27-25 во драматичен натпревар од 8 коло во суперлигашкиот плеј-оф.
Беше нерешено 25-25 на три минути до крајот и најава за неизвесна завршница, домаќините погодија преку Бен Махфуд и Mитревски, гостите не ги реализираа своите шанси и бодовите останаа во Битола.
Сега Еурофарм Пелистер 2 има 29 на второто место, додека Куманово ќе остане на 17 безбеден во зоната за опстанок и нема да има промени на табелата во останатите две кола.
Двете екипи во текот на мечот се менуваа во водството, пелистерци имаа плус четири во првиот дел, 11-7, но набрзина ја загубија предноста, а Куманово водеше во средината на второто полувреме со два гола, но и тоа кратко траеше.
Во финишот црвени картони добија Цековски од Куманово и Митревски од Еурофарм Пелистер 2 поради остри стартови, но тоа не го промени односот на силите и битолчани заслужено се радуваа на победата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бен Махфуд со девет и Митревски со шест гола, додека кај Куманово се истакнаа Ончев со 11 реализации и голманот Калзадо со 12 одбрани.

























