Естонија без најдобриот ракометар против Македонија

Естонската ракометна легенда Маит Патраил нема да настапи на преостанатите квалификациски натпревари, а досега и не беше дел од репрезентацијата во квалификацискиот циклус за Европското првенство 2026.

Искусниот 36-годишен ракометар се повлече од репрезентативниот дрес поради семејни причини, бидејќи очекува принова.

Тој истакна дека семејството му е приоритет, но не ја исклучува можноста за евентуално враќање во националниот тим во иднина.

„Не знам какви се плановите на селекторите. Би сакал повторно да го облечам дресот на Естонија, макар и за еден или два натпревара“, изјави Патраил.

Естонецот моментално настапува во Германија, таму го носи дресот на нисколигашот Емсдетен.

Македонија второто соочување со Естонија ќе го има на 8 мај во Талин во рамките на претпоследното квалификациско коло.