ЕП 2024: Група Ф – Кој ќе и застане на патот на Данска

Од 10 до 28 јануари Германија ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во машка конкуренција. Гледачите во Минхен, Берлин, Хамбург, Келн, Манхајм и Диселдорф ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометари. 24Ракомет ви ги претставува учесниците на претстојното ЕП...

ГРУПА Ф (MИНХЕН)

Во групата Ф, главен фаворит е актуелниот светски шампион Данска, која во Германија ќе го има своето 15-то учество на Европските првенства. Данска ќе атакува на трето европско злато, до сега има два златни медали од 2008 и 2009. Аутсајдер во групата Ф е дебитантот Грција, додека Португалија е фаворит во сенка за втортоо место. Натпреварите од оваа група ќе се играат во „Олимпија Спорт Хале“ во Минхен.

ДАНСКА

Репрезентацијата на Данска е еден од фаворитите за освојување на првото место на континенталниот собир и за скандинавската селекција не треба да се трошат многу зборови за нејзините квалитети и за се што има освоено. Хансен и друштвото се големи фаворити во оваа група, имаат ривали по мерка, доволно за освојување максимален број бодови во првата фаза.

Данска последниот златен медал на Европските првенства го освои во 2012 година во Србија. На претходното ЕП заврши на трето место, додека на Светското првенство 2023 го одбрани златниот медал. Она што ја краси данската репрезентација е брзата транзиција, тоа е заштитен знак на Данска во последните години. Ѕвездата Хансен, кој најави дека Европското првенство во Германија можеби ќе му биде последното во неговата репрезентативна кариера, сигурно ќе посакува да додаде уште едно злато во својата колекција на медали.

Селекторот Николај Јакобсен на сите позиции има квалитетни ракометари и за време на натпреварите речиси го користи целиот ростер кој го има на располагање. Поголемиот број репрезентативци на Данска зад себе имаат големо искуство, многу освоени награди, признанија, успеси на клупски план…

Селектор: Николај Јакобсен
Клучни играчи: Никлас Ландин (голман), Микел Хансен (лев бек), Матијас Гидсел (десен бек)

Распоред на натпревари:
11/01, 20:30, Данска Чешка
13/01, 20:30, Грција – Данска
15/01, 20:30, Данска – Португалија

ПОРТУГАЛИЈА

За Португалија настапот на Европското првенство во Германија ќе биде осмото учество на континенталните собири. Најголемиот успех на Португалија е пласманот меѓу најдобрите шест репрезентации на Европското првенство во 2020, тогаш Португалија ја освои 6. позиција. Португалија во последните години има голем напредок. Главна причина за големиот напредок се европските натпревари кои што ги играат португалските клубови.

Во квалификациите за пласман на ЕП, репрезентацијата на Португалија беше еден од ривалите на Македонија, не само што ги доби двата дуели против избраниците на Кире Лазаров, квалификациската група ја заврши без пораз. Тоа доволно говори за квалитетот на Португалија, но и за нејзините амбиции.

Станува збор за репрезентација која долго време има идентичен состав, со неколку промени. Каков пласман ќе освои Португалија на Европското првенство, најмногу ќе зависи од играта на Луис Фраде, Александре Кавалканти и младиот десен бек Франциско Коста, играч на кој му се предвидува светла иднина, односно богата кариера.

Португалија настапот на Европското првенство ќе го започне со дуел против Грција и доколку победи против дебитантот, тогаш избраниците на Пауло Переира ќе влезат уште помотивирано за вториот натпревар против Чешка, натпревар кој би бил одлучувачки за судбината на Португалија, односно за нејзиниот пласман во групата.

Селектор: Пауло Переира
Клучни играчи: Франциско Коста (десен бек), Александре Кавалканти (лев бек), Руи Силва (среден бек)

Распоред на натпревари:
11/01, 18:00, Португалија – Грција
13/01, 18:00, Чешка – Португалија
15/01, 20:30 Данска – Португалија

ГРЦИЈА

Дебитант на Европското првенство ќе биде и репрезентацијата на Грција, која во текот на последната фаза од подготовките одигра два пријателски натпревари против Македонија.

Грција во квалификациите за континенталниот собир направи големо изненадување, откако ја победи Холандија, покажувајќи дека има одредени квалитети. Грција одигра одлични и во дуелите со Хрватска, па така може да се заклучи дека нашиот јужен сосед ќе биде доста незгоден ривал на Европското првенство.

Од она што го видовме на пријателските натпревари со Македонија, но и на турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија, ракометарите на Грција во најголемиот дел играат одбрана 6-0, додека во напад се доста брзи.

Најголемата опасност по ривалите ќе биде средниот бек Савас Савас кој по долги години играње во Бундес лигата, ова лето се врати во татковината и го облече дресот на Олимпијакос.

Селектор: Јоргос Саравинас
Грција: Савас Савас (лев бек), Петрос Буковинас (голман), Димитрос Цирас (десно крило)

Распоред на натпревари:
11/01, 18:00, Португалија –Грција
13/01, 20:30, Грција – Данска
15/01, 18:00, Чешка – Грција

ЧЕШКА

Чешка на Европското првенство во Германија ќе го има 12 настап на континенталните собири. Најголемиот успех на Чешка е освоеното шестто место на Европското првенство во Хрватска (2018), кога беше предводена од Ондреј Здрахала, кој сега е претседател на федерацијата.

Ракометарите на Чешка пласманот на Европското првенство го обезбедија, откако во група со Исланд, Естонија и Израел завршија на второто место во квалификациската група, на еден од дуелите со Исланд обезбедија триумф. Победата на Чешка над Исланд доволно говори дека станува збор за квалитетна репрезентација, иако нема големи познати имиња, сепак, има играчи кои што можат да бидат опасни за секој ривал.

Мрква, Бабак, Кашпарек, Пирох одлично играат во своите клубови и сега селекторот Сабате треба да го извади најдоброто од нив и во националниот дрес. Чесите на претходното ЕП, на кое отпатува без одиграни контролни натпревари, го освоија 13 место. Сега Чешка има дополнителен мотив, бидејќи за ривали има репрезентации како Грција и Португалија. Сосема е сигурно дека ќе атакува на втората позиција во групата, позиција која носи и пласман во главната рунда.

Селектор: Хавиер Сабате
Клучни играчи: Томас Мрква (голман), Станислав Кашпарек (десен бек), Томас Бабак (среден бек)

Распоред на натпревари:
11/01, 20:30, Данска – Чешка
13/01, 18:00, Чешка – Португалија
15/01, 18:00, Чешка – Грција