Екс тренер на Фленсбург го презема Алборг?!

Екипата на Алборг, која утре ќе гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер, во следната сезона ќе има нов предводник, откако актуелниот тренер Стефан Мадсен одлучи предвреме да си замине од тренерската функција.

Раководството на Алборг во текот на вчерашниот ден информираше дека е започната потрагата по новиот тренер, а според пишувањата на данската телевизија „ТВ2“, главен кандидат за наследник на Мадсен е екс тренерот на Фленсбург, Мајк Махула.

Според информациите на „ТВ2“, челниците на Алборг минатата недела оствариле средба со Махула, кој речиси десет месеци е без клупски ангажман. 47-годишниот стратег во текот на месец април 2023 година доби отказ од бундеслигашот Фленсбург.

Отказот го доби поради елиминацијата во полуфиналето на Купот на Германија, како и европската елиминација од Гранољерс. Со Фленсбург двапати го освои златото во Бундес лигата, сезона 2017/18 и 2018/19.

И покрај големите амбиции и најголем буџет во Данска, тимот на Алборг нема освоено титула во домашниот шампионат две години, а исто така неодамна го загуби финалето во Купот на Данска од најголемиот ривал ГОГ Гудме.

Алборг е во потрага по нов тренер