Екс репрезентативка на Македонија ѝ на 39 години добива понуди од странство

Поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, иако има 39 години, не планира да се повлече од ракометните терени.

Искусната ракометарка заедно со екипата на Деспина бележат солидни резултати во единственото женско сениорско натпреварување во Македонија и со своите добри партии сѐ уште го привлекува вниманието на клубовите од нашето опкружување.

Во првиот дел од сезоната на 12 одиграни натпревари постигна 65 погодоци, или во просек 5,4 гола по натпревар.

Најмногу погодоци имаше во дуелите со Спартак и Куманово, 13, односно девет. На дел од натпреварите, кого веќе е познат победникот, 39-годишната ракометарка на клупата е поддршка за своите помладите колешки.

Гичева за вториот дел од сезоната, како и за следната сезона, на своја адреса има понуди од неколку странски клубови, но најверојатно ќе остане во родниот град, каде што работи и како тренер во пионерскиот тим на Деспина и своето знаење им го пренесува на најмладите.

„За вториот дел од сезоната, но и за следната сезона, имам понуди од неколку клубови од соседството, но најверојатно останувам во Прилеп. Работам со пионерскиот тим на Деспина, станува збор за една добра генерација на ракометарки, кои во пионерскиот шампионат постигнаа многу повеќе од очекуваното. Годините за мене се само бројка, кај мене е присутна истата страст како порано. Да се игра ракомет на мои години не е лесно, но кога се сака сѐ се постигнува, само да нема повреди, тоа е најбитно. Се трудам да се носам со помладите ракометарки, за сега сум задоволна, со редовни тренинзи ја одржувам мојата форма, дневно поминувам околу три часа во сала, плус два часа во теретана. Ќе играм додека ми дозволуваат физичките предиспозиции, кога ќе почуствувам тежина, ќе ја завршам играчката кариера”, изјави Гичева за 24Ракомет.

Прилепчанката во својата кариера настапуваше за Кометал Ѓорче Петров, Еуростандард Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа, Жито Прилеп, Гевгелија, Верија (Грција), Цетате Дева (Романија), Верона (Италија) и во косовските Приштина, Вучитрин и Феризај.