ЕХФ суспендираше судија на три години, а не ги откри причините!

Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука за случајот отворен против хрватскиот судија Матија Губица.

Губица беше прогласен за виновен за прекршување на основните обврски наведени во Кодексот на однесување на ЕХФ и Етичкиот кодекс на ИХФ.

Поради прекршоците, Ракометниот суд одлучи Губица да биде суспендиран од три години и нема да биде делегиран на натпреварите на ЕХФ.

Две третини од тригодишната суспензија се условна казна, а периодот на суспензија се смета од 1 јуни 2023 година. Дополнително, Матија Губица ќе плати казна од 6.000 евра за прекршоците.

Во соопштението на ЕХФ се вели дека случајот не е поврзан со какви било наводи за можно местење на натпревари, ниту со какво било друго несоодветно влијание врз резултатот на некои од натпреварите на кои бил судија.

На почетокот на 2023 година, данските медиуми ги поврзуваа Губица и неговиот партнер Милошевиќ со обложување на натпреварите кои ги судеа.

Како што неофицијално дознаваме се работи за обложување кое судијата Губица го направил преку својата официјална сметка на натпревар кој нема допирна точка со нив и нивните натпревари, но со самиот чин ги прекршил правилата на ЕХФ.