Европската ракометна федерација ги објави екипите кои ќе бидат дел од Лигата на шампионите наредната сезона и оние што бараат вајлд-карта за елитата.
Македонскиот првак Еурофарм Пелистер според рејтингот на Македонија нема директно место во најквалитетното европско клупско натпреварување, па затоа испрати барање за вајлд-карта.
Конкуренција на битолчани за седумте вајлд-карти ќе им бидат уште екипите на Загреб, Фредериција, Бидасоа, Нант, ПИК Сегед, Елверум, Келце, Порто, Динамо Букурешт, Кадетен Шафхаузен и Татран Прешов.
Директно место во групите од Лигата на шампионите имаат германските Магдебург и Фуксе Берлин, како и Висла Плоцк, Спортинг Лисабон, Веспрем, ПСЖ, Барселона, Алборг и Колстад.
Деветте екипи што имаат директно и оние седум што ќе добијат покани, ќе формираат две групи по осум екипи, а системот на натпреварување останува непроменет.
Извршниот Комитет на 19 јуни ќе ги потврди екипите што ќе добијат покана, ЕХФ ќе ги објави на 21 јуни, додека на 27 јуни е ждрепката за групите за новата сезона.