Европската ракометна федерација организираше дводневна Конвенција на претседателите на натпреварувачките и судиски комисии во Виена, каде главна тема беше еден од најголемите предизвици во модерниот спорт, регрутацијата и задржувањето на судии.
Претставник на РФМ беше Бобан Мајнов, претседателот на натпреварувачката комисија на македонската ракометна куќа.
Настанот, одржан на 8 и 9 мај, собра повеќе од 60 експерти и претставници од европските федерации, а годинава во дискусиите беа вклучени и претставници од фудбалот, кошарката и одбојката.
Главната тема на конвенцијата беше – Зајакнување на судиската база и регрутацијата како стратешки приоритет.
Учесниците разговараа за бројни актуелни проблеми – недостиг на нови судии, навреди и притисоци кон арбитрите, улогата на жените во судењето, дигиталните алатки за регрутација и новите модели за мотивирање на младите да станат судии.
Конвенцијата ја отвори претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, а значајни презентации имаа и експерти од УЕФА, ФИБА Европа и ЦЕВ.
„Размената на искуства меѓу различните спортови беше исклучително важна и покажа дека проблемите со судиите се заеднички предизвик за целиот европски спорт“, изјави претседателот на судиската комисија во ЕХФ, Јоргос Бебецос.
Во вториот ден од настанот учесниците работеа во тематски групи и подготвуваа конкретни предлози за долгорочен развој и стабилност на судиските организации.
Од ЕХФ порачаа дека европските федерации имаат заедничка цел: подобра заштита, развој и иднина на судиите во спортот.

























