ЕХФ Судот за ракомет донесе одлука во случајот против македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, откако беа отворени постапки поради сомнежи за манипулација со видео снимки од т.н. „Multistage Fitness Test“.
Пред почетокот на ЕХФ ЕУРО 2026 за мажи, Европската ракометна федерација ја повлече нивната номинација, а по анализата направена од нејзиниот партнер за интегритет Sportradar, Судот за ракомет утврдил дека спорните видеа биле манипулирани.
Поради тоа, на двајцата судии им е изречена суспензија од две години, во која нема да можат да извршуваат никаква функција во рамки на ЕХФ. Суспензијата важи од датумот на првостепената одлука.
Покрај тоа, и двајцата ќе треба да платат парична казна од по 5000 евра поради сериозни прекршувања на ЕХФ Кодексот на однесување.
Против одлуката може да биде поднесена жалба до ЕХФ Апелацискиот суд во рок од седум дена.

























