Египетскиот репрезентативец Мохаб Абделхак е едно од најзвучните засилувања на Вардар за новата сезона. По Франција и Германија, каде настапуваше за екипата на Кил, овој 23-годишен десен бек пристигна во Скопје со јасна порака – сака домашни трофеи и што подолг пат со црвено-црните во Лигата на шампионите.
Од Ал Ахли, преку Ним и германскиот гигант Кил, до Скопје. Мохаб Абделхак отвори ново поглавје во кариерата и во следната сезона ќе го носи дресот на Вардар.
Египетскиот репрезентативец веќе неколку недели е во Скопје и полека се вклопува во новата средина, а кога зборува за причината поради која ја прифатил понудата од Вардар, нема многу дилеми.
„Вардар е Вардар. Како што Кил е Кил, така и Вардар е Вардар. Сите знаат кој е Вардар. Тоа е еден од најголемите клубови во светот, клуб кој има две титули во Лигата на шампионите. Тоа беше една од главните причини да дојдам и да потпишам за Вардар“, вели Мохаб.
Сепак потенцира дека би сакал да му се обраќаат со Мо. Па така го ословуваат и сите соиграчи во клубот.
Од Кил во Вардар
Мохаб во Скопје пристигна од еден од најголемите европски клубови – Кил. Германскиот гигант го ангажираше во текот на минатата сезона, а египетскиот десен бек сега ќе има можност своето искуство да го пренесе во црвено-црниот состав.
Пред Германија настапуваше во Франција, а европската кариера ја започна откако замина од египетски Ал Ахли. Иако во Вардар е само неколку недели, првите впечатоци му се позитивни.
„Првиот впечаток е многу добар. Претходно живеев во помали градови во Франција и Германија, а сега сум во главен град. Доаѓам од Каиро, кој е многу поголем од Скопје, па тука се чувствувам пријатно. Добро ми е во Скопје.“
За него, сепак, најважно е она што го затекнал во клубот.
„Во Кил сите беа професионалци – истото го гледам и овде“
Доаѓањето директно од Кил неминовно носи и споредби меѓу двата клуба. Мохаб потенцира дека од првиот ден во Скопје забележал професионален однос во Вардар.
„Како што кажав, Вардар е Вардар. Сите го знаат Кил, но сите го знаат и Вардар. Во Кил сите беа професионалци, а истото го гледам и тука. Од моментот кога пристигнав, видов дека луѓето во клубот работат професионално.“
Египќанецот посебно го истакнува односот на луѓето околу екипата.
„Сите работат за да му помогнат на тимот, да им помогнат на играчите и да направиме резултати. Ако ги споредувам клубовите од професионален аспект, односот е на високо ниво и тука.“
Токму искуството од Кил може да биде значајно и за Вардар. Абделхак минатата сезона доби можност да почувствува како функционира еден од најголемите европски клубови, а сега доаѓа во екипа која повторно има големи амбиции на европската сцена.
Јасна цел – сите домашни трофеи
Кога станува збор за очекувањата од сезоната, новиот десен бек на Вардар не сака премногу да комплицира.
„Ги сакаме сите македонски трофеи. Имаме првенство, Куп и други натпреварувања и наша цел е да освоиме се што можеме во Македонија.“
Вардар во новата сезона ќе ја брани двојната круна, а покрај домашните обврски повторно го очекуваат и натпревари во Лигата на шампионите.
Таму Мохаб не сака однапред да поставува граници.
„Следниот чекор е Лигата на шампионите. Сакаме таму да направиме што е можно подобар резултат. Колку што можеме да стигнеме далеку, толку ќе се бориме. Ќе се обидеме да направиме максимум.“
Иако има само 23 години, Мохаб зад себе веќе има сериозно меѓународно искуство. Од Каиро, преку Франција и Кил, патот го донесе во Скопје. А според неговите први зборови како нов член на црвено-црните, добро знае во каков клуб пристигнал.
И токму со такви очекувања Мохаб ја почнува својата прва сезона во Македонија – со желба за трофеи дома и што подобар резултат со Вардар меѓу најдобрите во Европа.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























