Македонската интернационалка Сара Миновска би можела да го направи својот прв меѓународен трансфер во кариерата и од следната сезона да го носи дресот на словачкиот шампион Јувента Михаловце, дознава 24Ракомет.
Брзоногата ракометарка е пред потпис на договор со актуелниот шампион на Словачка и по првпат во кариерата ќе има можност да се докажува на меѓународна сцена.
Миновска зад себе има одлична сезона во македонскиот шампионат. Вториот дел од минатата сезона го помина во Чаир, каде што пристигна од Металург Автокоманда, а претходно го носеше и дресот на Вардар.
Во македонскиот ракомет важеше за една од најперспективните ракометарки на левата крилна позиција.
Станува збор за брзо и борбено крило, кое може да одговори на задачите во двата правци и со својот карактер и енергија ќе претставува големо засилување за словачкиот тим.
Миновска е дел од македонските репрезентативни селекции, а има настапи за младинската и сениорската репрезентација. Особено се истакна на ЕХФ шампионатот за младинки во Скопје во 2021 година, каде што беше избрана за најдобро лево крило на турнирот.
Ако се реализира овој трансфер, тогаш Миновска ќе игра заедно со уште една Македонка – Теодора Дукоска, која летово потпиша за Јувента Михаловце.
























