EП 2020: Симнато проклетството по шест години – Хрватска ја изненади Унгарија со два пара близначки на теренот!

Симнато е проклетството што траеше шест години и Хрватска по последниот триумф на ЕП 2014 година, конечно забележа победа на континенталните собири, откако во 2016 и 2018 имаше само порази и последни места.

Иако допатуваа во Данска без ракометарките од Подравка, сепак избраничките на селекторот Ненад Шоштариќ ги шокираа Унгарките и славеа победа со 24-22.

Во хрватската репрезентација, покрај голманката Теа Пилјевиќ, едни од најдобрите беа двата пара близначки – Стела и Паула Посавец, и Лариса и Дора Калаус.

„Понекогаш нашите тренери повеќе знаеме да ги збуниме отколку нашите противници на теренот“, вели Лариса за 24Сата.

Таа е лев бек, додека нејзината сестра Дора игра на десната бековска позиција. Кај сестрите Посавец, Стела е среден бек, а Паула лево крило.

Сите четири ракометарки имаат по 24 години, и сите четири играат во ист клуб, Локомотива Загреб, кој со години е во сенка на Подравка. Сезонава настапуваат заедно со македонската репрезентативка Андреа Седлоска.

На Хрватките им остануваат средбите против Србија и Холандија, но по стартната победа си ги зголемија шансите да се пласираат во главната рунда.