Еурофарм Пелистер ќе бара нов тренер: Бабиќ седнува на клупата на Подравка?

Битолски Еурофарм Пелистер направи голем чекор до враќањето на титулата по пауза од 16 години, но веројатно ќе треба да направи и целосна реконструкција на тимот. По потврденото заминување на играчите Периќ, Мараш и Секељ, следната сезона на клупата може да не биде ниту тренерот Жељко Бабиќ. Тој е блиску до седнување на клупата на женскиот хрватски првак Подравка од Копривница.

Според хрватските медиуми кои важат за добро упатени, Бабиќ веќе разговарал со управата на Подравка. Одлука се уште нема, но разговори имало.

„Разговаравме, но во овој момент не може ниту да потврдиме, ниту да го демантираме доаѓањето на Бабиќ во Подравка. Стуацијата е специфична, Подравка е голем предизвик, многу тренери се нудат бидејќи мислат дека можат да ја работат таа работа. Ние сакаме како клуб на долгорочен план да го решиме тоа прашање, изјавила директорот на клубот Влатка Михоци.

Со искуството што го има зад себе Бабиќ би можел многу да му помогне на клубот, иако досега никогаш не бил тренер на женска екипа.

Бабиќ од 2020 година е дел од Еурофарм Пелистер, и сезонава е на праг да го врати клубот на европските патеки. На почетокот на сезоната го освои Супер Купот, а влезе и во разигрувањето во Лига Европа каде на мегдан е сега со Нексе. Има убава можност да биде и шампион на Македонија, и му треба победа или реми на возвратниот меч во Битола против Вардар.

Беше и селектор на машката репрезентација на Хрватска од 2015 до 2017 година, и го освои бронзениот медал на ЕП 2016 година во Полска.