Тимот на Пролет со гол од центарот на Филип Арсеновски успеа да го освои целиот плен на гостувањето кај дебитантот во Автокоманда со 32-31, во натпревар од 11 рунда во суперлигашката конкуренција. Претходно на само неколку секунди до крајот домашните израмнија со прекрасен гол со цепелин, но нивната радост траеше многу кратко.
Сега Пролет има 18 бодови исто колку и Бутел Скопје, па се наоѓа на добар пат да обезбеди место во плеј-оф, иако својата шанса ќе ја чека Голден Арт од позадина, кој е на петтото место со 13 бода. Новиот тренер Александар Јовиќ имаше победничко деби на клупата на новиот клуб и се наоѓа само на чекор да го внесе тимот во разигрувањето за титулата напролет.
Гостите во Автокоманда имаа подобар старт и отворија со водство од 5-2. Но како одминуваше времето така домашниот тим фаќаше приклучок и кон средината на првиот дел израмни на 8-8.
Пролет со двата гола преку Стојановски и Арсеновски си ја врати предноста, 10-8, но потоа момците на Александар Јовиќ снемаа решенија во нападот и домаќинот тоа го искористи со три гола во серија да поведе првпат во мечот, 11-10.
Следуваше тајм-аут на Јовиќ, па неговите избраници заиграа подобра одбрана и ги казнуваа домашните грешки за водство на Пролет, 13-11. Дебитантот се врати во егал и во продолжение се играше гол за гол.
Арсеновски израмни на 16-16 на шест секунди до крајот, но ракометарите на Иван Марковски успеаја да организираат акција, прецизно биеше Илиески и тимот од Автокоманда ја имаше предноста на паузата, 17-16.
По петнаесетина минути игра во вториот дел, Пролет стигна и до највисоки плсу три, 23-20, но домаќинот не се откажуваше од камбек и се врати на егал, 23-23. Петковски одбрани еден шут на домашните, потоа тие уште еднаш погрешија и Палевски донесе ново водство за гостите, 26-24.
Но следуваше пад во нивната игра и Карасманакис и Димовски на два пати погодија за 27-26, резултат со кој се влезе во последните десет минути. По водството на домашните 29-28, Андоновски даде убав гол за реми, а по една грешка на дебитантот и Палевски веднаш казни за пресврт, 30-29.
По 18. пат во мечот беше израмнет резултатот 30-30 кога имаше да се игра уште една минута. Палевски од пенал му донесе предност на Пролет, но домаќините на пет секунди со атрактивен погодок со цепелин израмнија на 31-31. Нивната радост траеше кратко, бидејќи Арсеновски со гол од центар на празниот гол на домашните погоди за три бода на Пролет.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа токму Арсеновски со осум гола и Мајнов со шест, додека во суперлигашкиот дебитант се истакнаа Димовски со седум, како и Јорданов и Димевски со по шест гола.