Драчево сигурен против Македонија ЃП, Шампион победнички во Штип

Ракометарите на Драчево во натпревар од 12. коло од прволигашката конкуренција дојдоа до победа над Македонија ЃП со десет гола разлика, 38:28.

За Драчево ова беше 7-ми сезонски триумф, сега има 16 бода на табелата, исто толку имаат Скопје и Младост Богданци, додека зад водечката тројка во групата А, моментално, се наоѓа тимот од Ѓорче Петров со 16 бода.

Гостите парираа колку што можат во првиот дел, покажуваа квалитетна игра, но Драчево беше повеќе пофокусиран и на пауза замина со предност од плус три, 18:15.

Избраниците на Настески заиграа поангажирано во вторите 30 минути, на моменти водеа со 11-12 гола разлика и немаа поголеми проблеми за да дојдат до посакуваната цел.

Најефикасен во победничката екипа беше Лазар Стојанов со девет гола, осум имаше Димитар Петковски, а седум додаде Ѓорѓи Дука. Кај Македонија ЃП се истакна Мартин Бучуковски со седум гола.

Шампион на гостувањето во Штип кај Текстилец дојде до петти триумф во новата сезона, откако триумфираше со 35:30 (18:18).

Илија Пејковски беше предводник во скопскиот тим со девет гола, шест имаше Кристијан Ѓоргиев. Во поразениот табор се истакна Никола Јованов со осум реализации.