Македонија одигра реми со Австрија, 29-29, иако беше пред пораз во драматичниот натпревар oд првото коло на главната рунда.
Левото крило Иван Џонов вели дека било тешка да се брани играта „седум на шест“, која Австрија ја има доведено до перфекција.
„Исклучително тежок натпревар за играње, Австрија е подготвена репрезентација како тактички, така и тркачки, се надмудрувавме 60 минути. Перфектен натпревар кој беше тешко да се игра. Беше тешко да се браниме од нивната ’седум на шест’ игра која е доведена до перфекција. На крајот беше ролеркостер можевме и да победиме, можевме и да загубиме, така да имаме за што да жалиме и по овој меч и од претходно против Унгарија, но исто така треба да бидеме и задоволни.
Треба со оптимизам да ја чекаме иднината не само на ова СП туку и понатаму. Добро склопена селекција сме, гинеме еден за друг, се бориме еден за друг до крај и тоа е тоа што и треба на Македонија. Имаме некои играчи кои се болни, но се трудиме да се рекуперираме брзо. Ова е турнирски систем, се игра на два дена, напорно е, но се трудиме максимално да собереме енергија и да изгинеме и на следните натпревари“, потенцира Џонов.
Следен предизвик за Македонија ќе биде натпреварот со Катар на 23 јануари од 15:30 часот.