Поранешниот ракометар на Металург и Вардар, Павел Атман, сѐ уште не размислува за крај на кариерата.
Атман, моментално, го носи дресот на израелскиот Макаби Ришон Ле Зион, клуб во кој настапува и голманот од Македонија, Градимир Чаневски.
Искусниот ракометар во сезона 2012/13 ги засили редовите на Металург и во тимот од Автокоманда настапуваше две сезони.
Средниот бек во разговор за рускиот портал „Stavkina sport“ зборуваше на многу ракометни теми и се наврати на времето кога играше во Македонија.
,,Ракометот е спорт број еден во Македонија. Многу луѓе доаѓаа на натпреварите. Во еден град имавме два тима – Металург и Вардар, тоа наликуваше како шпанското Ел Класико. Секогаш имаше голема борба меѓу двете екипи. Веројатно тоа беше едно од најдобрите дерби дуели во Европа. Навивачите на двата тима се доста темпераментни, па играњето во таква атмосфера е многу интересно. Секогаш кога имаше дерби исполнета беше целата сала, која собира максимум 7.000 навивачи”, изјави Атман за рускиот портал „Stavkina sport“.
Иако има 36 години, екс репрезентативецот на „зборнаја“ планира да одигра барем уште една до две сезони, па потоа да замине во пензија.
,,Сè уште не можам да кажам со сигурност за моите планови, но би сакал да играм уште една или две години. Имам договор во Израел до крајот на сезоната, а потоа ќе размислам дали да останам овде, или да одам на друго место. Не размислувам кариерата да ја завршам во Русија, би сакал тоа да биде во Европа”, додаде Атман за рускиот портал „Stavkina sport“.
Поранешниот репрезентативец на Русија најголемиот дел од својата кариера ја мина во својата татковина и во Белорусија. Во Русија освен за ЦСКА Москва настапуваше и за екипите на Волгоград и Чеховски Медведи, додека во Белорусија го носеше дресот на Мешков Брест и Динамо Минск.
Во Македонија беше дел од екипите на Вардар и Металург. Пред да се пресели во Вардар го носеше дресот на Хановер.
За репрезентацијата на Русија има одиграно 122 натпревари на меѓународна сцена и постигнато 236 погодоци.