ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Еурофарм Пелистер на гости во Автокоманда, Охрид на жежок терен во Кавадарци

На денешната програма во Македонија ќе има девет натпревари, пет од нив ќе бидат во рамки од 7. коло од суперлигашкиот плеј-оф/аут. Најголемото внимание ќе биде во Автокоманда, каде што вицепрвакот ќе го пречека актуелниот бранител на титулата, тимот на Еурофарм Пелистер.

Битолчани се лидери во плеј-офот, досега имаат 100% учинок, односно шест од шест, додека „сино-белите“ во досегашниот тек од вториот дел од сезоната забележаа четири победи и два порази. Двете екипи денес ќе ја имаат првата меѓусебна пресметка сезонава, откако се избегнаа во групниот сегмент од регуларниот дел.

Еурофарм Пелистер со евентуална победа ќе си го зголеми бодовното салдо, ќе дојде до 23 бодови и ќе биде на добар пат да ја одбрани титулата. За избраниците на Кире Лазаров се освен победа ќе значи неуспех, бидејќи со пораз би се оддалечиле од борбата за првото место, но и од втората позиција.

Интересен дуел се очекува да има меѓу екипите на Тиквеш и Охрид, кои имаат аспирации да изборат место на европска сцена за следната натпреварувачка сезона. Екипата на Охрид се наоѓа на 4. позиција со 14 бодови, додека Тиквеш има еден бод помалку, односно 13.

Вардарци на свој терен ќе го пречекаат незгодниот тим на Бутел, кој во минатото коло пружи силен отпор против вицепрвакот. Тимот на Владо Недановски е фаворит во дуелот со бутелци, но фаворитската улога ќе треба да ја оправда на теренот.

Пролет, кој во изминатото 6. коло беше на прагот до победа над Тиквеш, ќе гостува во Струга кај истоимената екипа. Тимот предводен од Александар Јовиќ иако нема шанси за голем прогрес на табелата ќе се обиде да ги освои бодовите на денешниот дуел. Стружани со помош на домашната публика ќе атакуваат на првата победа во плеј-оф фазата.

Куманово пред домашната публика ќе се обиде да го совлада дебитантот за да остане во игра за едно од првите две места во плеј-аут фазата. Во досегашниот тек од борбата за опстанок, тимот на Куманово загуби само еднаш, додека младиот тим од Автокоманда претрпе два порази.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
12:00 ВАРДАР – БУТЕЛ
12:00 ПРЕСПА – БОРЕЦ
16:00 СТРУГА – ПРОЛЕТ
17:00 КУМАНОВО – МУЛТИ ЕСЕНС
18:00 АЛКАЛОИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
18:00 ТИКВЕШ – ОХРИД
18:00 РАДОВИШ – ДРАЧЕВО
18:30 ОВЧЕ ПОЛЕ – ПАРТИЗАН
20:15 ЈЕХОНА – ШАМПИОН