Дарко Јанев е нов селектор на младинките

Поранешниот македонски репрезентативец Дарко Јанев е нов селектор на женската младинска репрезентација на Македонија.

Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија реши да го назначи Јанев за селектор, а актуелниот селектор на сениорките Кристијан Грчевски, ќе биде координатор за сите женски селекции.

Во стручниот штаб ќе бидат уште кондицискиот тренер Тодор Филиповски и физиотерапевтот Николина Бојаџиска.

Јанев долго време со успех работеше со младинските категории во тимот на Бутел Скопје, беше асистент во првиот тим, а сега е дел од Илинден Вардар, каде исто така работи во младинските категории со момци и девојки.

Тој беше дел од стручниот штаб на минатото ЕП за младинки во Романија, како асистент на Јулијана Дамчевска, а сега доаѓа на нејзиното место.

Женската младинска репрезентација на Македонија ја очекува настапот на Светското првенство што ќе се игра во Скопје од 19 до 30 јуни.