Данците со дилеми – дали Хансен треба да игра на ОИ

Во периодот од 25 јули до 11 август во француската престолнина Париз ќе се одржи најголемата спортска манифестација во светот – Олимписките игри.

Свое учество ќе има актуелниот првак, репрезентацијата на Данска, која на минатите Олимписките игри го освои среброто, откако во финалето загуби од Франција.

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, за Париз ќе треба да ги земе, според него, најдобрите 14 ракометари, плус три резервисти.

Некогашните репрезентативци на Данска, Андреас Егерт и Клаус Молер Јакобсен, во една спортска емисија на данската телевизија „ТВ2“ добија задача да ги номинираат играчите за кои веруваат дека ова лето сигурно ќе добијат авионски билет за Париз.

Меѓу номинираните кај Егерт и Молер Јакобсен го немаше големиот Микел Хансен, кој има настапувано на четири Олимпијади.

Како што е познато, Хансен моментално е надвор од терените поради повреда на препоните и сѐ уште не е познато кога ќе биде неговото враќање. На последното ЕП, Хансен имаше најмал личен придонес откако игра за репрезентативниот дрес.

Составот за Олимписките игри обично се избира приближно еден месец пред првиот натпревар и на почетокот на месец јуни би требало да се знае дали Јакобсен во Париз ќе патува со големата ѕвезда.