Дамјановска: Самодовербата ни е на високо ниво, можеме да го повториме ланскиот успех

Македонскиот шампион во женска конкуренција, тимот на Ѓорче Петров, овој викенд го очекува нов предизвик на европска сцена.

Ѓорчепетровки во рамки од третата рунда од Европскиот Куп за ривал го имаат тимот на Ојпен од Белгија.

Избраничките на Симе Симовски првиот дуел ќе го одиграат на гостински терен на 12 ноември, додека реваншот е закажан за 19 ноември во спортската сала „Автокоманда“.

Кружниот напаѓач на Ѓорче Петров, Катерина Дамјаноска, се надева дека со своите соиграчки ќе покажат одлична игра на првиот дуел.

,,На овој натпревар пред се очекуваме да прикажеме добра игра. Еден брз, динамичен, современ ракомет со агресивна и цврста одбрана по која стануваме и препознатливи. Желни сме за победа и пласман во осминафиналето. Противникот го анализиравме, имаат добри шутери од надворешните позиции, добар голман…, се подготвуваме тактички за нивната игра која најмногу се темели на бековските позиции, но ќе се обидеме да го наметнеме нашето темпо на игра уште на почетокот. За понатаму не можеме пред време да размислуваме и зборуваме, но секако доколку овие два натпревари ги добиеме и сѐ мине во најдобар ред, за следното коло очекуваме поквалитетни екипи и потешки натпревари, бидејќи конкуренцијата е помала”, изјави Дамјановска.

20-годишната ракометарка истакнува дека доколку се елиминира Ојпен, тогаш ќе се зголемат европските амбиции на македонскиот шампион и „лавиците“ ќе имаат можност да го повторат ланскиот успех, но и да постигнат уште повеќе.

,,Очекувањата се разбира ќе се зголемат, бидејќи знаеме колку можеме и колку работиме, но верувам во својата екипа и стручниот штаб и ќе се потрудиме да ги оствариме сите наши очекувања и очекувањата на публиката. Атмосферата во тимот особено после победата со Чаир е одлична, на тренинзите се шири еден позитивен натпреварувачки дух, самодовербата е подигната на едно поголемо ниво и се работи напорно за претстојните викенди. Веруваме дека можеме да го повториме ланскиот успех на европска сцена, да се избориме за подобар пласман, па дури да се бориме и за медал”, вели Дамјановска.

Младата Дамјановска, која веќе три сезони игра во европски рамки, посакува со својот тим да се бори за медал во Европскиот Куп.

,,Нормално би била презадоволна да се избориме за медал, а верувам дека и целиот тим го посакува истото. Тоа би било преголем успех за нас како играчи, а пред сѐ за Ѓорче Петров како еден македонски клуб кој не е прв пат на европска сцена. Ѓорче Петров има доста успеси зад себе и висок пласман би било еден плус за клубот повторно да се врати на интернационалните медиуми. Вакви натпревари на европска сцена се доста важни за да докажеме дека женскиот ракомет во Македонија не е изумрен и дека е во подем и дека треба постојано да се вложува во него”, заврши Дамјановска.

Дуелот на 12 ноември ќе се одигра со почеток од 14:00 часот, а Ѓорче Петров со победа во Белгија ќе биде многу блиску до пласман во осминафиналето во третото по ранг европско натпреварување.