Струга е клубот со најмногу награди за најдобар стрелец на турнирот што го организираат 53 години по ред. Еурофарм Пелистер е лидер според вкупниот број индивидуални признанија, додека Вардар и битолскиот клуб имаат по 14 победнички трофеи.
Меѓународниот ракометен турнир во Струга има традиција подолга од половина век, а покрај победниците, важен дел од неговата историја се и играчите кои биле прогласувани за најдобри поединци.
Најмногу индивидуални признанија имаат играчите од Битола – вкупно 24. Од нив, десет се награди за најдобар играч, 11 за најдобар голман и три за најдобар стрелец.
На второто место е Вардар со 12 признанија – шест за најдобар играч, две за најдобар голман и четири за најдобар стрелец.
Веднаш зад двата најтрофејни клуба се наоѓа домаќинот Струга. Стружани имаат најмалку 11 индивидуални признанија, иако само еднаш успеале да го освојат победничкиот пехар. Единствената титула на домаќинот е од 1990 година.
Струга е убедливо најуспешна во изборот за најдобар стрелец. Играчите на домаќинот седумпати ја освојувале оваа награда, пред Вардар со четири и Пелистер / Еурофарм Пелистер со три.
Меѓу струшките лауреати се Попоски, Дуноски, Новко Георгиевски, Горан Попоски, Наум Танески, Мерис Бошњак и Филип Мечкароски.
На четвртото место на листата на индивидуални признанија е Металопластика Шабац со шест, а потоа следува Железничар Ниш со пет. Металопластика има една од највпечатливите серии во историјата на турнирот. Од 1985 до 1987 година трипати по ред го освојувала трофејот, а во сите три изданија имала и најдобар играч. Веселин Вујовиќ бил МВП во 1985 и 1986, а Златко Портнер во 1987 година.
Кога се во прашање победничките трофеи, Вардар и Еурофарм Пелистер го делат првото место со по 14 титули.
Вардар ги освоил првите пет изданија, од 1973 до 1977 година. Пелистер ја повторил истата серија од 1993 до 1997 година. Борац Бања Лука има четири титули, додека Металопластика, Тутунски Комбинат и Металург имаат по три.
Во поновата историја посебно се издвојува изданието од 2024 година. Еурофарм Пелистер не само што го освоил турнирот, туку ги добил и сите три индивидуални награди. Филип Кузмановски бил најдобар играч, Филип Ивиќ најдобар голман, а Богдан Радивојевиќ најдобар стрелец.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

























