СТРУГА 2026: Димитриоски – Доаѓаме комплетни и подготвени за докажување

Струга од 12 до 15 авгиуст повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.

|
18:45
Share on Facebook

Прилеп ќе го искористи турнирот во Струга како прва сериозна проверка во подготовките за новата сезона. Капитенот Димитар Димитриоски очекува силни натпревари против Бутел и против Вардар, а целта на прилепчани е да се воиграат и да покажат дека се подготвени за борба за место во плеј-офот. Прилепчани со најдобриот стрелец во лигата од лани доаѓаат во Струга.

Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот. На отвореното игралиште покрај Охридското Езеро ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.

Меѓу шесте учесници ќе биде и Прилеп, кој во Струга ќе ги одигра првите контролни натпревари во летните подготовки. Ракометарите на Прилеп се наоѓаат во тежок дел од подготовките, кога акцентот е ставен на физичката работа. Димитриоски е свесен дека екипата сè уште нема да биде во најдобрата форма, но токму поради тоа натпреварите во Струга ќе бидат важни за стручниот штаб.

„За нас како тим, турнирот пред сè ќе биде одлична проверка за тоа како сме работеле досега. Знаеме дека во овој период нозете сè уште се тешки, но ова ќе биде и одлична можност играчите што досега не настапувале во Струга да ја почувствуваат магијата на турнирот“, вели Димитриоски.

Прилеп подготовките ги започна на крајот на јули, а дуелите покрај езерото ќе бидат првата можност тренерот Наум Танески да види како функционира обновениот состав во натпреварувачки услови.

Димитриоски се враќа со убави спомени

Капитенот на Прилеп веќе настапувал на турнирот во Струга. Како ракометар на Металург имал можност да ја почувствува атмосферата на отвореното игралиште, која, според него, не може да се спореди со натпреварите во сала.

„За моја среќа, сум имал можност да настапам на турнирот со екипата на Металург. Тоа е драгоцено искуство за секој играч, без разлика на возраста, бидејќи не се добива често можност да се игра под отворено небо и пред публика што многу добро го познава ракометот“, истакнува Димитриоски.

Тој смета дека традицијата е главната причина поради која турнирот во Струга има посебно место во македонскиот ракомет.

„Ова е најстариот и најдобриот турнир во Македонија. Станува збор за традиција што трае со децении и се надевам дека уште долго ќе продолжи“, додава капитенот на Прилеп.

Бутел ќе трча, а Вардар е најсилниот тест

Прилеп ќе игра во група со Бутел и со Вардар. Според Димитриоски, двата натпревари ќе понудат различни предизвици и ќе бидат многу корисни за екипата во овој дел од подготовките.

Бутел влегува во новата сезона со подмладен состав и со Стојанче Стоилов на тренерската позиција. Димитриоски очекува динамичен натпревар со многу трчање.

„На турнирот нема лесни и тешки противници. Бутел има доста млад состав и е предводен од Стојанче Стоилов, па очекувам динамичен и тркачки натпревар“, вели Димитриоски.

Уште поголем предизвик ќе биде натпреварот против Вардар, кој во Струга доаѓа како освојувач на двојната круна и со значително засилен состав.

„Би рекол дека за наша среќа сме во група и со главниот фаворит за освојување на турнирот, но и за титулите во првенството и Купот на Македонија. Ќе имаме одлична можност да го дадеме максимумот и да се бориме до крај против РК Вардар. Натпреварите против противник од таков калибар се драгоцени за понатамошниот тек на подготовките и за стартот на првенството“, истакнува капитенот.

Прилеп и минатата сезона покажа дека може да биде незгоден противник, а во новата натпреварувачка година целта е екипата да направи чекор напред и да се врати во плеј-офот.

Прилеп доаѓа во полн состав

Добра вест за стручниот штаб е што Прилеп треба да настапи со сите расположливи ракометари. Тоа ќе му овозможи на Танески да ја распореди минутажата и да испроба повеќе комбинации.

„Нашата екипа доаѓа во полн состав, подготвена за борба и докажување, со желба да оствариме што подобар пласман“, порача Димитриоски.

Во Прилеп летово пристигнаа четворица нови ракометари – голманот Благојче Трајкоски, левиот бек Андреј Стојановски, повратникот Стефан Лозаноски и пикерот Петар Маркоски. Трајкоски треба да донесе дополнителна сигурност на голот, Стојановски пристигна од Пролет, Лозаноски се врати по интернационалните настапи во Грција, додека Маркоски треба да ја зголеми конкуренцијата на пивотменската позиција.

Вардар е фаворит, Охрид сè посилен

Димитриоски нема дилема околу главниот фаворит за освојување на турнирот. Според него, најголеми шанси има Вардар, но очекува силен настап и од Охрид.

„Според мене, главен фаворит е Вардар. Од друга страна, тука е и Охрид, кој од година во година расте. Очекувам оваа сезона да биде многу неизвесна до самиот крај“, смета Димитриоски.

Вардар и Охрид зад себе имаат сезона во која ги освоија трите најважни трофеи. Скопскиот тим стана шампион и го освои Купот на Македонија, додека Охрид триумфираше во ЕХФ Европскиот куп.

Двете екипи играа и во финалето на Купот, а по квалитетот на составите се меѓу најсериозните кандидати повторно да се сретнат во финалето во Струга.

Плеј-оф и борба на секој натпревар

Прилеп во минатата сезона беше најдобрата екипа во плеј-аут конкуренцијата, но во новата сезона амбициите се поголеми. Целта е пласман во плеј-офот, а потоа и борба за место во европските купови.

Димитриоски, кој минатата сезона беше најдобар стрелец во Супер лигата, повторно ќе биде еден од главните адути на екипата. Искусниот капитен очекува борба на секој натпревар и поголема поддршка од прилепската публика.

„Нашата цел во првенството е јасна – пласман во плеј-офот и борба до последната капка пот на секој натпревар. Прилепската публика заслужува врвен спорт и полна сала. Се надеваме дека салата ќе биде средена во најбрз можен рок, а тогаш слободно можам да кажам дека никој нема лесно да освојува бодови во Прилеп“, заврши Димитриоски.

ПРИЛЕП – клупски информации
Состав

Голмани: Благојче Трајкоски, Никола Стојкоски, Иван Ангелески
Играчи: Димитар Димитриоски, Денис Шабановиќ, Марио Столески, Владан Кастратовиќ, Никола Цветаноски, Андреј Стојановски, Стефан Лозаноски, Филип Адамчески, Никола Шипинкоски, Александар Тренчески, Петар Маркоски, Михаил Седлоски, Бобан Вренцоски, Андреј Бошкоски, Бојан Стојкоски, Драган Тутески, Дамјан Талески и Ангел Крстески
Стручен штаб: Наум Танески, Менде Петлески, Ѓоко Божиноски, Кристи Шокоски и Рубинчо Седлоски.

Играчи што дојдоа
Благојче Трајкоски, Андреј Стојановски, Стефан Лозаноски, Петар Маркоски, Никола Стојкоски

Играчи што заминаа:
Илчо Ивчески, Божидар Илиески, Томислав Квастек, Пеце Рајатоски

Распоред на мечевите на Прилеп во Струга
12 август
18,30 часот Вардар – Прилеп

13 август
18,30 часот  Прилеп – Бутел

15 август
Натпревар за пласман

 

* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

Share on Facebook

По 15 години во европскиот врв, Кент Робин Тонесен се враќа дома!

Авор: Редакција
| 17 октомври 2026
10:45
Share on Facebook

По 15 години минати низ некои од најголемите европски клубови, Кент Робин Тонесен се враќа дома. Норвешкиот репрезентативец од летото 2027 година повторно ќе го носи дресот на Фјелхамер, клубот во кој започна неговата ракометна приказна.

Трансферот сега е и официјално потврден. Тонесен потпиша двегодишен договор како играч, а истовремено ќе добие и постојано работно место во клубот како координатор за маркетинг и спорт.

„Сите што ме познаваат знаат колку многу ми значи Фјелхамер. Да се вратам и да му дадам нешто назад на клубот многу ми значи“, изјави Тонесен за ТВ2.

За 35-годишниот леворак бек ова ќе биде затворање на еден огромен европски круг. Од Норвешка замина во 2012 година, а потоа настапуваше за Савехоф, Вецлар, Фуксе Берлин, Веспрем, ПИК Сегед, ПСЖ и Флензбург. Со Веспрем и Сегед освојуваше титули во Унгарија, а со ПСЖ стана шампион на Франција во 2024 и 2025 година.

Иако заминува од врвниот европски ракомет, Тонесен потенцира дека враќањето во Фјелхамер не го гледа како мирно пензионирање.

„Не се враќам за да успорам. Сакам да придонесам на теренот и да бидам важен играч за тимот“, порача Норвежанецот.

Во Фјелхамер очекуваат неговото влијание да биде многу поголемо од она што ќе го покаже на натпреварите. Клубот сака да го користи огромното искуство што го стекна во најсилните европски првенства и во Лигата на шампионите, особено во работата со младите ракометари. Тренерот Кристијан Близнак, кој во минатото беше и соиграч на Тонесен во Вецлар, смета дека неговото присуство ќе биде исклучително значајно за развојот на клубот.

Враќањето дома доаѓа и по еден многу тежок период за искусниот бек. За време на летниот одмор во Хрватска, Тонесен доби херпес зостер во пределот на лицето и окото. Состојбата беше толку сериозна што во еден момент постоеше и страв за неговиот вид, а самиот подоцна откри дека првите три недели биле исклучително тешки.

Во меѓувреме се врати на тренинзите и повторно почна да игра, а за ТВ2 порача дека сега состојбата е добра. Сето тоа дополнително влијаело на одлуката да се врати во Норвешка со семејството.

Тонесен зад себе има и богата репрезентативна кариера. За Норвешка одигра 148 натпревари и постигна 360 голови, а со националниот тим освои сребрен медал на Светското првенство во 2017 година. Последниот голем турнир на кој настапи беше Светското првенство во 2025 година.

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

Share on Facebook

Сензација во Букурешт, Крим ја доби драмата со Будуќност

Авор: Душко Андов
| 18 октомври 2026
23:32
Share on Facebook

Шестото коло во Лигата на шампионите кај дамите донесе убедливи победи на Есбјерг и Ференцварош, големо изненадување во Букурешт, како и драматични завршници во Љубљана и Оденсе.

Ференцварош останува единствениот тим со максимален учинок, додека норвешка Сола ја забележа втората победа во историјата на клубот во елитното натпреварување, а прва оваа сезона.

Лига на шампиони, 6 коло, резултати:

група А
Ференцварош – Борусија Дортмунд 39-25
Есбјерг – Брест Бретањ 35-26
Крим – Будуќност 24-23
ЧСМ Букурешт – Сола 22-30

група Б
Глорија Бистрица – Сторхамар 33-26
Мец – Бломберг 32-22
Оденсе – Ѓер 31-32
Подравка – Никобинг 33-26

Ференцварош ја продолжи победничката серија

Унгарскиот состав го скрши отпорот на Дортмунд во второто полувреме, во кое постигна 23 гола. Клучна беше серијата од 7-0, со која предноста од 20-16 порасна на 27-16. Ана Кристенсен имаше 18 одбрани, а Петра Симон и Катрин Клујбер постигнаа по осум гола. Ова беше 150 победа за унгарскиот состав во историјата на Лигата на шампионите.

Реистад со десет гола во дербито на колото

По израмнетото прво полувреме, данскиот тим направи клучна разлика по паузата и стигна до убедлива победа. Хени Реистад беше незапирлива со десет гола, додека Кјара Чиманга постигна пет за Брест. Францускиот тим го претрпе вториот последователен пораз во натпреварувањето.

Победа во последните секунди

Крим конечно ги освои првите бодови во сезоната по драматичен натпревар со Будуќност. При резултат 23-23, домашниот тим остана со играч помалку, а гостинките не реализираа седмерец. Казната стигна преку Нина Жулиќ, која погоди од контранапад за голема радост на словенечкиот состав. Жулиќ и Јована Скробиќ постигнаа по осум гола во двата тима.

Норвежанките приредија изненадување

Сола го шокираше ЧСМ во Романија и ја забележа втората победа во историјата на Лигата на шампионите. Гостинките имаа контрола во најголемиот дел од натпреварот, а во второто полувреме ја искористија слабата реализација на домаќинките и поведоа со пет гола разлика. Камила Херем и Пија Гронстад постигнаа по пет гола, додека Ема Фрис беше најефикасна кај ЧСМ со седум.

Бистрица во вториот дел го скрши Сторхамар

Романскиот состав славеше на домашен терен во натпревар во кој Сторхамар успеа да поведе во првото полувреме, но домаќинките ја презедоа контролата пред паузата. Клучна беше серијата од 8-2 во вториот дел, со која Бистрица се одлепи на 27-20. Данила Со Делгадо беше најдобра со десет гола, додека Анастасија Марсениќ постигна шест за Сторхамар.

Шампионките го решија мечот по паузата

Мец се намачи во првото полувреме против германскиот дебитант, кој успеа да се врати на 13-13. Сепак, домаќинките ја вратија предноста пред паузата, а во вториот дел ја засилија одбраната и му дозволија на противникот да постигне само осум гола. Лилу Борг постигна шест гола за Мец, додека Макси Милнер и Нурија Бухер имаа по седум за Бломберг.

Унгарскиот гигант се извлече во драматична завршница

Ѓер ја запиша 14 победа во 16 меѓусебен дуел со Оденсе, но мораше да се помачи до самиот крај. Домашниот тим се врати од негатива од три гола и израмни на 28-28, но гостинките беа посигурни во последните минути. Тјаша Станко постигна осум гола за Ѓер, исто колку и Роми Маршалкеверд за Оденсе.

Хрватскиот првак стигна до вториот триумф

Подравка одигра одлично на домашен терен и уште во првото полувреме создаде солидна предност против Никобинг. Данскиот тим имаше проблеми со реализацијата и ротацијата, а голманката Аница Гудељ забележа 11 одбрани. Матеа Шошо беше најефикасна кај победничкиот тим со седум гола, додека Клара Лерби постигна осум за Никобинг.

Share on Facebook

Омар погоди во последната минута: Куманово ја доби драмата со Младост

Авор: Редакција
| 17 октомври 2026
18:18
Share on Facebook

Куманово ја забележа првата победа сезонава, совладувајќи го Младост Богданци со 25-24 (14-12). Со двата бода кумановци избегаа од дното и сега имаат 3 бода, на 8 место на табелата.

Домаќините испуштија седум гола предност, во второто полувреме и самите бркаа резултат, а решавачкиот погодок го постигна Омар Мамдух на неполна минута до крајот. Гостите имаа шанса во последната минута да израмнат, имаа усте десетина секунди од нападот кога од записничката маса беше сигнализирано за погрешна измена.

Тоа значеше дека наместо Младост во напад, последните десетина секунди домашните ќе ја имаат топката, а играчот Ѓорѓе Атанасов доби исклучување. Таа шанса Куманово не ја испушти и на крај го зачува водството што им донесе победа.

Куманово одлично го отвори натпреварот. По почетните израмнувања, домаќините поведоа со 11-4 и изгледаше дека рано ќе го преземат резултатот под контрола. Младост, сепак, се врати. При 12-6 гостите направија серија од шест гола без одговор и израмнија на 12-12. Куманово го издржа тој налет и на пауза замина со водство од 14-12.

Продолжението донесе нов пресврт. Младост израмни на 16-16, а во 38. минута поведе со 17-16 – првпат по почетните минути. Потоа екипите се менуваа во водство, без ниту една да успее да се одвои. Гостите влегоа во завршницата со 23-21, но Куманово одговори со три последователни гола: Мамдух намали, Бојан Гичев израмни, а Наум Костов од пенал донесе 24-23.

Владимир Бојаниќ, исто така од пенал, израмни на 24-24 во 59. минута. Последниот збор го имаше Мамдух: по додавање од голманот Горан Чавејски, реализираше контранапад за 25-24 на неполна минута до крајот. Резултатот повеќе не се смени.

Мамдух беше најефикасен кај победникот со девет гола. Карим Мохамед Закарија Али постигна шест, а Костов пет. Григор Трајковски запиша осум одбрани, додека Чавејски имаше четири и асистенција за победничкиот гол. Кај Младост се истакнаа Жељко Пеиќ со шест погодоци, како и Тодор Узунчев и Славе Јанковски со по пет. Гостите настапија без Даниел Андоновски, кој беше во составот на претходниот натпревар.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾

Share on Facebook

Ацо Николовски ја ужива довербата на ЕХФ – делегат на четири меча во десет дена

Авор: Душко Андов
| 17 октомври 2026
13:03
Share on Facebook

Европската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за натпреварите од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп.

Покрај судиите Илиевски, Македонија на европската сцена ќе ја претставува и делегатот Ацо Николовски.

Тој беше делегат на два меча од женскиот ЕХФ Куп минатиот викенд на Косово, каде играа Феризај и ВИФ од Фарски Острови, а сега ќе има двојна задача и во машкиот ЕХФ Купот.

Денеска Николовски ќе биде делегат на пресметката меѓу турскиот Бешикташ и Фиверс Маргаретен од Австрија во Истанбул што ќе започне од 16:00 часот.

Утре Николовски ќе биде задолжен за се да мине во најдобар ред на дуелот меѓу Бурса и норвешкиот Рунар Сандефјорд што се игра во Бурса и ќе стартува од 16:00 часот.

Share on Facebook

Волф ги критикуваше судиите – му се заканува голема казна!

Авор: Душко Андов
| 16 октомври 2026
13:11
Share on Facebook

Голманот на Кил, Андреас Волф, се соочува со парична казна од 2.500 до 5.000 евра поради јавните критики кон судиите по драматичното реми 31-31 против Фленсбург.

Волф ја доведе во прашање компетентноста на арбитрите по контроверзната ВАР одлука во финишот, со која беше поништен потенцијалниот победнички гол на Кил.

Иако санкцијата не е јавно објавена од раководството на лигата, германските медиуми пренесуваат дека Волф доставил и писмено образложение во кое признал дека претерал со своите изјави.

Кил е на врвот на табелата со 17 бодови, два повеќе од Фленсбург и три повеќе од Магдебург, но овие две екипи имаат одиграно два меча помалку.

Share on Facebook