Репрезентацијата на Црна Гора, по поразите од Унгарија и Франција, се израдува на првата победа во главната фаза на Европското првенство 2024, откако ја совлада незгодната Полска со два гола разлика, 30:28.
На натпреварот беа доделени два црвени картони, кај Полска црвен картон заработи Магда Балсан, откако со топка ја погоди во глава голманката на Црна Гора, Армел Антигре. Во црногорскиот табор лидерот Ѓурѓина Јауковиќ поради три исклучувања мораше во финишот од натпреварот да се пресели на трибините.
Црногорките со денешната победа влегуваат во борбата за 3 место во групата А. Доколку поранешниот европски првак заврши на трето место, тогаш на крајот од континенталниот собир ќе игра за пласман за 5. позиција.
До 48-та минута од натпреварот се играше гол за гол, двете репрезентации постојано се менуваа во водство, а избраничките на Сузана Лазовиќ победата ја обезбедија со одличната игра во последните десет минути.
Откако беше 21:20, следуваше серија од 4:0 на Црна Гора за 25:21 во 50-та минута. Токму овој момент беше клучен фактор за победата на Црна Гора, а Полска во финишот само се закани намалувајќи на минус два, 26:24.
Предводничка во Црна Гора беше Ѓурѓина Јауковиќ со девет гола, пет постигна екс ракометарката на Вардар, Итана Грбиќ, по четири имаа Матеа Плетикосиќ и Татјана Брновиќ. Кај Полска, прво име беше Моника Кобилска со осум реализации.