Довчерашниот шампион на Словенија, Целје, иако нема да игра во ЛШ, сепак, се обидува да состави посилен тим со кој ќе може да ја врати домашната титула во своите витрини.
Откако пред неколку денови Целје го промовираше селекторот на Португалија, Пауло Переира, за нов тренер на екипата, денеска раководството на клубот го претстави новото засилување.
Станува збор за еден од најталентираните играчи од Словенија, средниот бек Андраж Макуц. Новиот играч на Целје од стартот на неговата кариера настапуваше за Копер, а во изминатата сезона беше најдобар стрелец во словенечката лига со 188 постигнати погодоци.
21-годишниот среден бек со Целје се договори на долгорочна соработка, односно до јуни, 2028 година. Новата надеж на словенечкиот ракомет во Целје ќе биде замена за Митја Јанц. Како што е познато, Јанц направи трансфер во Висла Плоцк.
Андраж Макуц е брат на членот на Барселона, Домен Макуц, кој исто така во својата кариера беше дел од тимот на Целје. Домен токму со одличните партии во дресот на Целје си обезбеди трансфер од соништата и од сезона 2019/20 настапува за каталонскиот гигант.
Целје го напуштија шест играчи, а засега освен Макуц, како ново засилување е промовиран и средниот бек Алекс Богнар од ФТЦ. Најтрофејниот клуб од Словенија во следниот период би требало да го потврди играчкиот ростер за следната сезона.