Чурлевски им откри на Финците: Ракометот е религија во Македонија, исто како што е хокејот тука

Македонскиот интернационалец Филип Чурлевски беше прогласен за играч на месец октомври во финскиот шампионат по одличните партии што ги имаше за неговиот нов тим ГРИФК.

На пет од осумте одиграни натпревари собра осум ѕвезди (во Финска на секој меч тројцата најдобри играчи добиваат ѕвезди) и за првпат во четвртата сезона во оваа скандинавска земја стана играч на месецот.

Оваа сезона има 30 гола, а вкупно досега во Финска на 64 меча има постигнато 226 голови, иако негова главна задача се асистенциите до соиграчите.

„Веруваме во тоа што го работиме како тим. Имаме одличен старт на сезоната и можеме да голем успех оваа сезона. Задоволен сум и од моите настапи, но секогаш се стремам да го подигнам моето ниво. Оваа сезона се чувствувам психички подобро подготвен.

Битолчанецот потекнува од Еурофарм Пелистер, две сезони беше дел од Вардар Јуниор до 2016 година, потоа се врати во Битола во дресот на Еурофарм Работник, пред во 2020 накратко да замине во Прилеп.

Истата година го имаше имаше првото интернационално искуство во финскиот тим Сјундеа ИФ, каде остана три сезони, а летово се пресели во ГРИФК. Чурлевски, кој зад себе има и настап за Македонија на Светското првенство во 2019 година, им откри на Финците дека ракометот е број еден во нашата држава.

„Ракометот има специјално место во срцата на Македонците, исто како хокејот за Финците. Иако фудбалот и кошарката се исто така популарни, само ракометот полни сали со страствени навивачи и затоа е спорт број еден. Ракометот се гледа како религија во Македонија, особено кога има неизвесни и дерби натпревари. Како и да е, сметам дека најдобрите четири екипи од Финска можат да парираат на повеќето македонски екипи, освен на првите три што играат во европските купови“, вели Чурлевски.

Неговиот ГРИФК е второ место на табелата со 16 бода, исто колку и првиот БК-46, додека Рихимаки Кокс е трет со 14 бодови.