Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, по финалето на турнирот во Охрид, истакна дека подготвителниот период служи за да се видат добрите и слабите страни на екипата, а резултатите од овие натпревари не се приоритет пред стартот на официјалната сезона.
Вардар зад себе има два силни подготвителни турнири, а Чупиќ е задоволен од работата на своите ракометари, иако тимот се соочуваше и со проблеми со повредени играчи.
„Тоа е спорт, продолжуваме понатаму. Имавме два добри турнири, сега ќе ги видиме добрите и лошите работи и се подготвуваме за септември. Целта е да имаме подготвена екипа и полека да ги залечиме играчите кои во моментов не се во ростерот. За тоа служат подготвителните турнири. Сакам да му се заблагодарам и на домаќинот Охрид за фер и коректниот натпревар и за доброто гостопримство. Можеме да бидеме задоволни од уште еден солидно одигран турнир. Тоа што било вчера се заборава и одиме понатаму“, изјави Чупиќ.
Вардар во финалето настапи со значително скратена бековска линија, но и покрај проблемите со составот, „црвено-црните“ се бореа до последната минута.
За Чупиќ, токму таквиот однос кон играта е дел од карактерот и традицијата на Вардар.
„Ние сме Вардар. За нашиот менталитет нема откажување. Без разлика кој е на терен – бекови, пивоти, крила – само Вардар е битен. Тој победнички дух и тој менталитет значат никогаш да не се предаваме, да гриземе до крај и секогаш да веруваме во тимот. Можеме да зборуваме за тактика, за тренерот, но најважно е да имаме карактерна екипа. Тоа заедништво го барам од играчите. Не е толку важно кој игра и колку минути е на терен, туку како се бориме како тим. Тоа го покажавме и во Струга и на овие турнири. Тоа е карактерот кој го сакам како тренер на Вардар, затоа што тоа е културата на Вардар – да се бориме до крај“, додава Чупиќ.
Тренерот на Вардар потврди дека во следните денови ќе биде направена дополнителна медицинска проценка на повредените ракометари.
Дел од играчите во понеделник ќе имаат магнетна резонанца и дополнителни прегледи, а во вторник стручниот штаб треба да има целосна слика за состојбата со ростерот.
„Во понеделник ќе ги имаме прегледите и магнетните резонанци, а во вторник ќе имаме комплетна слика за екипата. Тогаш ќе знаеме кој колку може да игра, колку минути и каква ќе биде ситуацијата со играчите кои се на рехабилитација“, објасни Чупиќ.
Вардар во подготвителниот период двапати загуби од Охрид, но Чупиќ не сака резултатите од овие натпревари да создаваат дополнителен психолошки притисок пред стартот на сезоната.
„Нормално е дека Вардар не смее да губи. Секогаш кога ќе загубиме, тоа е проблем, затоа што тоа е менталитетот на Вардар. Но, што се однесува до психологијата, минатата сезона прашањето беше за Еурофарм Пелистер, сега е за Охрид. Ние се концентрираме на себе, на септември, на Лигата на шампионите, на Суперкупот и на маратонот кој започнува во септември и трае до јуни“, вели Чупиќ.
На турнирот во Охрид Вардар настапи со повеќе нови ракометари, а Чупиќ смета дека новите засилувања добро се вклопуваат во тимот.
„Се гледа дека Љевар, Мохаб и Фадуил одлично се вклопуваат и на теренот и надвор од него. Сите нови играчи соработуваат, а ракометарите од минатата сезона многу им помагаат на новите полесно да се вклопат“, истакна тренерот на Вардар. Мислам дека со тројцата играчи од бековската линија добивме многу квалитет и многу поголема ротација во екипата. Минатата сезона без Малус и Горига реално немавме голема можност за ротација на некои позиции. Сега, иако моментално не играат Педро, Мохаб и Малус, се гледа дека имаме квалитет во екипата.“
Чупиќ смета дека поголемата конкуренција ќе има позитивен ефект и врз секојдневната работа на тимот.
„Самата конкуренција носи и поквалитетни тренинзи. Тоа е целта – да имаме квалитетна екипа, да имаме ротација и секој играч да биде подготвен кога ќе му биде потребен на тимот.“
Вардар сега ќе го насочи вниманието кон завршниот дел од подготовките и официјалниот старт на сезоната, каде „црвено-црните“ ги очекуваат големи предизвици во домашното првенство и Купот, Супер Купот, Регионалната лига и Лигата на шампионите.
























