Четири црвени картони и многу возбудувања ја одбележаа првата сезонска „Света војна“ во Полска меѓу Келце и Висла Плоцк. Полскиот вицепрвак ја доби драмата во „Легионово“ и славеше со голот во последната секунда на Михал Дашек со 29-28, па со грижи ги испрати Талант Душебаев и неговите избраници на зимска пауза.
Уште по десетина минути Висла остана без шпанскиот пикер Абел Сердио, кој доби црвен картон по стартот на Шичко. Но и покрај тоа тимот од Плоцк диктираше темпо и имаше контрола. По релативно израмнети дваесетина минути, Висла успеа кон финишот да направи серија и предводена од Зарабец и Лучин стигна до плус четири, 15-11.
По пет минути игра во вториот дел Артем Каралек доби трето исклучување и црвен картон. Висла стигна и до плус шест, 23-17, а во тие моменти не реализираа ниту Алекс Душебаев, ниту Морито од пенал. Вулф беше на ниво, па Келце полека почна да се враќа во игра. Но останаа домашните без Гебала кој доби црвен картон поради остар старт на Фазекаш.
Но и на спротивната страна Пирох доби трето исклучување и црвен картон, па мораше на трибини. Возбудувањата се зголемија во финишот. Висла почна да греши почесто, па Келце се доближи само на гол негатива на три минути до крајот, 27-26. Беше и 28-27, но Висла направи наивна грешка и Наи израмниа кога имаше да се играат уште триесетина секунди до крајот.
Тимот од Плоцк тргна во напад, немаа премногу идеја, но во последните секунди Михал Дашек погоди во голот на Вулф за голема победа и голема радост на Хави Сабате.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Хрватот Лучин со седум и Словенецот Зарабец со пет гола, додека одличен на голот со десет одбрани беше младиот Јасжебски. Кај Келце се истакнаа Душебаев Алекс со шест, како и Карачиќ, Шичко и Наи со по четири гола, а голманот Вулф имаше десет одбрани.
Сега Висла Плоцк има 51 бод на првото место на табелата, додека Келце е втор со 48. Од ова сезона има плеј-оф на елиминации во полскиот шампионат, па оваа победа нема да биде решавачка во битката за титулата, но секако ќе биде значајна за самодовербата на ракометарите на Висла дека можат конечно да го симнат Келце од тронот.