„Чекор по чекор ги создаваме новите ракометни ѕвезди“

Струга сѐ уште важи за расадник на ракометни таленти, а резултатите во младинските категории се само потврда дека стружани максимално и со голем ентузијазам работат со најмладите.

Струга била, а и ќе остане ракометен град, место од каде доаѓаат големи таленти. Добар дел од нив, веќе се и репрезентативци. И секоја година „расадникот“ вади нови плодови, нови ракометари. Кадетската и пионерска екипа на Струга сезонава ќе игра на Ф4 турнирот во своите конкуренции, покажувајќи дека градот е непресушен извор на ракометни мајстори со топката.

Кадетската екипа втора година по ред обезбедува пласман на завршницата, односно на Ф4 турнирот. Резултатите во младинските категории се само потврда дека стружани максимално и со голем ентузијазам работат со најмладите. Видливо е дека од нивните редови веќе се гледаат наследниците на поранешните и сегашни репрезентативци на Македонија од Струга – Наумче и Златко Мојсоски, Никола и Велко Маркоски, Ненад и Никола Костески, Ацо Јоновски, Цветан Кузманоски…

Предводени од тренерот Жарко Ферукоски, кадетите регуларниот дел од тековната сезона го завршија без пораз и без загубен бод, триумфираа на сите 12 натпревари во групата А и како првопласирани се пласираа на Ф4 турнирот. Кадетите за ривали во групата А ги имаа екипите на Охрид, Преспа Вардар, Еурофарм Пелистер, Прилеп, Скопје и Кузман Вардар.

Тренерот Жарко Ферукоски истакнува дека во Струга се работи со визија и чекор по чекор се создаваат нови ракометни ѕвезди на македонското поднебје.

,,Пласманот на Ф4 во кадетската лига доволно говори за нашиот вложен труд, голем плус за дел од кадетите беше калењето во Супер лигата, таму стекнаа повеќе исксутво против квалитетни екипи и научија нови работи. Имаме голем потенцијал, дефинитивно постои квалитет и материјал кај играчите. Ме радува големиот напредок на Филип Мечкароски, Јулијан Матески, Филип Симоноски, Илија Пејчиноски и Филип Велјаноски во сите категории, четворицата добиваат шанса и во елитата и веќе е извесно дека ќе бидат носители на играта во Струга за две до три години. Работиме со визија, одиме чекор по чекор и сигурен сум дека создаваме играчи кои би биле потенцијални ѕвезди под македонското поднебје. Резултатите ни даваат до знаење дека сме на добар пат, останува само да продолжиме максимално со работењето со оваа генерација”, изјави Ферукоски.

Пионерите имаа потежок пат да обезбедат пласман на Ф4 турнирот, во групата А завршија како второпласирани, на 16 натпревари остварија 13 победи, потоа играа два бараж дуели за пласман меѓу најдобрите четири екипи, најпрво со Еурофарм Пелистер, потоа со Куманово. На двата триумфираа и заслужено изборија место на Ф4 турнирот.

Струга минатата година не учествуваше на Ф4 турнирот кај пионерите, но сега посакува во двете категории (кадети и пионери) да го освои златото.

,,Нашите амбиции за сезонава се пласман во финалето и освојување на златото.  Исто како и кај кадетите, во пионерскиот состав има неколку потенцијали, дел од нив, исто така имаа шанса да се докажат и покажат во Супер лига. Сега конкуренцијата на Ф4 ќе биде поголема, ќе играат најдобрите четири екипи и може да одлучуваат само нијанси кој ќе биде годинешниот освојувач во кадетската и пионерската лига. Сите учесници кои обезбедија пласман на Ф4 турнирот се препознатливи по нешто. Реално, сите имаме шанси, но кој ќе има поголема среќа ќе видиме на завршните натпревари”, заврши Ферукоски.

Ф4 турнирот во кадетска конкуренција е закажан за 18 и 19 мај, додека во пионерската конкуренција една недела порано, односно на 11/12 мај.