Чаир направи историски успех на европска сцена обезбедувајќи пласман во осминафиналето во Европскиот Куп.
Екипата на Чаир се пласира во ТОП 16 во Европскиот Куп, откако го доби и реванш натпреварот против Колехио Де Гаиа, триумфираше со 28:26.
Чаирчанки на првиот натпревар, кој беше одигран вчера, победија со 29:25 и јасно беше дека португалскиот претставник ќе има тешка задача.
За Чаир пласманот во осминафиналето од Европскиот Куп е историски, бидејќи во претходните четири сезони на европска сцена, со исклучок на сезона 2023/24, не успеваше да го помине второто коло.
Избраничките на Басри Љатифи уште од самиот старт наметнаа темпо кое гостинките не можеа да го следат. Расположени во првиот дел беа Ѓорѓиевска и Дукоска, двете ракометарки во првите 30 минути одигра речиси без грешка и имаа по пет гола. Чаир во 20 минута имаше предност од плус три, 8:5, а потоа гостинките се заканија и намалија на минус еден, 9:8.
Чаир во завршниот дел од првото полувреме одигра цврсто во одбраната, не дозволи ривалот да направи камбек и на пауза замина со предност од плус четири, 13:9.
Македонскиот претставник на стартот на второто полувреме зголеми на 15:10 и до финишот константно беше во предност, до 45 минута најчесто водеше со два-три гола разлика, потоа осетно ја зголеми разликата, а во последните пет минути гостинскиот тим успеа да ја искористи опуштеноста на Чаир.
Најефикасна кај Чаир беше Стефанија Ѓорѓиевска со десет гола, седум постигна Теодора Дукоска, по три имаа Биљана Дамчевска и Теодора Гулицоска.